Владата одлучи дека нема да има продолжување на учебната година

Фото: Влада на РСМ

Владата на Република Северна Македонија на вчерашната 44 редовна седница ја донесе Одлуката за утврдување на бројот на наставните денови во учебната 2021/2022 година во средните училишта.

На седницата беше утврден бројот на наставните денови во тековната учебна година во средните училишта да изнесува 146 наставни денови, односно беше донесена одлуката да нема продолжување на учебната година.

Во последниов период пошироката јавност беше засегната за прашањето дали ќе има продолжување на учебната година и на кој начин ќе се обработува пропуштениот период откако Самостојниот синдикат за образование наука и култура (СОНК) на 11 април годинава организираше генерален штрајк во образованието и градинките со барање за покачување на платите за 18,5 отсто на вработените во градинките и наставниците и професорите во образовните институции.

СОНК од утре ќе штрајкува, бара Владата да го „одврзе ќесето“

Главното барање на СОНК е платите да се усогласат со зголемувањето на минималната плата во март што во моментов изнесува 18.000 денари. Поради штрајкот што активно траеше 18 дена пред Владата и СОНК да постигнат договор, учениците изгубија 14 дена настава за што имаше реакции и од најголемата ученичка организација во земјава, Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија.

На средбата меѓу Влада и СОНК на 25 април беше постигната согласност за покачување на платата во образованието и во детската заштита за 12 отсто, кое требаше да биде реализирано со ребалансот на Буџетот и ќе започне да се применува со јулската плата.

Владата и СОНК постигнаа договор, од среда ќе продолжи наставата и работата на градинките

Но, три дена подоцна советот на СОНК извести дека штрајкот се става во мирување во период од 20 дена според законските одредби согласно законот за мирно решавање на спогодби и оттаму констатираа дека додека трае периодот на помирување, штрајкот треба да биде ставен во мирување, а доколку не се изнајде решение истиот повторно ќе биде активен.

Од утре учениците ќе одат на училиште, СОНК го стави штрајкот во мирување

Во меѓувреме, учениците, особено матурантите беа загрижени за изгубеното време за изучување на пропуштениот материјал што ќе им биде потребен за полагање на матурските испити, по што Сојузот на средношколци ги повика и двете страни итно да изнајдат решение.

Сојуз на средношколци: Договор што побрзо да има, ќе се пробијат државните рокови за полагање за матурантите

И покрај штрајкот што траеше две недели, наставата што беше пропуштена нема да се надполни со продолжување на учебната година. Директори и професори во некои училишта тврдат дека се одржува дополнителна онлајн или физичка настава со матурантите со што им помагаат во процесот на подготовка за испитот на зрелоста.

И онлајн и на училиште, матурантите се подготвуваат за испитот на зрелоста

Сепак, освен матурантите што се ученици во четврта година, во штрајкот настрадаа и ученици во другите години и одделенија за што допрва треба да се изнаоѓа начин за да се надополни изгубената настава.