Од утре учениците ќе одат на училиште, СОНК го стави штрајкот во мирување

Фото: Мета.мк

Штрајкот во училиштата е ставен во мирување и од утре учениците ќе одат во училиште, соопшти попладнево претседателот на СОНК Јаким Неделков на прес-конференција.

Неделков истакна дека ваквата одлука на Советот на синдикатот доаѓа по добиеното известување од Министерството за образование и наука со кое отпочнува постапка за помирување.

Советот на СОНК ги анализирал законските одредби согласно законот за мирно решавање на спогодби и констатирал дека додека трае периодот на помирување, штрајкот треба да биде ставен во мирување. Рокот е најдоцна до 20 дена.

„Советот на СОНК и СОНК се легалисти и се за почитување на законите, од таа причина дел од одредбите водат кон тоа дека додека траат периодот на помирување и решавање на спорот меѓу двата спротиставени таботи, доколку се работи за штрајк истиот оди во мирување“, рече Неделков.

Тој истакна дека ако не се најде решение во рок од 10 или 20 дена, штрајкот повторно ќе стане активен.

Неделков изрази надеж дека платите ќе бидат зголемени, дневниците за време на штрајкот нема да бидат скратени и дека колективните договори ќе бидат потпишани и утврдени со рокови.