fbpx

Петер Верхејен: Владата мора да ги заштити пријавувачите

-

Потреба од донесување закон за заштита на пријавувачи (whistleblowers) е заклучокот од денешната дебата насловена „Заштита на пријавувачите низ институционалниот систем во Македонија“ во организација на „Транспаренси интернешнал“, помогната од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, што се одржа во хотелот „Стоун бриџ“.

Според професорката и претседателка на „Транспаренси интернешнал“, Слаѓана Тасева, целта на почетокот на серијата дебати за оваа тема е да се подигне свеста за заштита на оваа група луѓе и да се направи превентивна рамка за пријавувачите.

– Институционалниот третман на ова прашање ќе значи и како ќе се третира овој проблем. Според анкетите, пријавувачите се незаштитени и не се осмелуваат да го сторат тоа. Постојано контактираме со Министерството за правда за да видиме до каде е идејата за создавање ваков закон, но оттаму нема повратен одговор – истакна Тасева.

За модераторот на конференцијата, професорот Ѓорѓи Спасов, зборот „пријавува“ асоцира на кодошење и има негативен контекст во македонскиот јазик.

– Кога не би се етикетирал човекот, не би се чувствувал проблем. Ние со овој термин имаме јазичен проблем. Треба да се размислува како да ги означиме и како да ги охрабриме. Кај нас има две мислења за нив. Едното е дека тие луѓе треба да завршат в затвор, а второто е дека треба да се прогласат за херои. Тоа треба да биде главната тема на која ќе се разговара во периодот што следува – рече Спасов.

Според в.д. амбасадорот на Холандија во Македонија, Петер Верхејен, демократијата е систем во кој политичарите имаат одговорност за законите и за нивното носење.

– Пријавувачите се средство на демократијата. Владите треба да им овозможат на граѓаните да пријавуваат затоа што демократијата е на граѓаните. Заштитата на пријавувачите и истражувачкото новинарство се од големо значење за една демократска држава. Во Холандија овие луѓе се земаат со голема сериозност. Тие кај нас се нарекуваа клокенлаудер (некој што ѕвони на ѕвончето). Важно е Владата да се држи до принципите на чесност и на отчетност. Заштитата е важна за општеството, а секое гонење на новинарите има опасен ефект врз демократијата – рече Верхејен.

За новинарот на „Фокус“, Љубиша Арсиќ, поделеноста во медиумите прави случаите за корупција да не стигнат до јавноста.

– Порано имаше повеќе примери на пријавувачи, а тие кога ќе се пренесеа во медиумите, имаа ефект. Сега е поинаку. Медиумите, можеби од суетни причини, не ги продолжуваат темите што ги отвораме, а во кои има афери. Поради тоа многу е битно како ќе се уреди овој закон за тие луѓе да се заштитат. Најголем проблем што сега го имаат пријавувачите и нивниот страв е од губењето на работното место – истакна Арсиќ.

На конференцијата беше презентирана и анкетата од агенцијата „Рејтинг“ за застапување на пријавувањето од вработените луѓе. Со анкетата биле опфатени 400 лица вработени во приватниот и во државниот сектор. Таа покажува дека 70 отсто од анкетираните би пријавиле случај на неетичко и незаконско постапување. Во сопствената фирма, пак, корупција би пријавиле 75 проценти од испитаниците. На прашањето дали досега пријавиле случај на корупција во фирмата во која работат, речиси 92 проценти од анкетираните одговориле негативно.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.