Владата бара струја за индустријата, Битиќи вели ова се времиња на преживување

Фатмир Битиќи
Фото: ФБ на Битиќи

Владата обезбедила суровини за производство на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар, што значи граѓаните и 70.000 компании нема да стравуваат за електрична енергија до март, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Тој информира дека Владата одлучила да интервенира и на слободниот пазар и се обидува да најде суровини за производство на електрична енергија која ќе биде на располагање на стопанството по цени кои се пониски од берзанските. Исто така, посочи Битиќи, се бараат и количини за увоз кои ќе бидат ставени на располагање на потребите на бизнисот.

„Немаме точни бројки, но идната недела ќе имаме поконкретни сознанија што можеме да понудиме на стопанството. Мора да знаеме дека секоја цена под берзанската е евтина, што значи цената од 300 евра за мегават во услови кога берзанските одат и до 1.000 евра, може да се смета за ниска. Знаеме дека стопанството не секогаш е во можност да ја плати, но ова се времиња на преживување“, истакна Битиќи.

Со компаниите кои се на слободниот пазар на електрична енергија ќе има средба идната недела, кога поконкретно ќе се знае што ќе им биде понудено.