Монтажната болница до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде сега се примени дел од пациентите | Фото: Арбнора Мемети

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 591 и има околу 490 празни болнички кревети во ковид центрите, информираше Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 326 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Додека пак, во ковид центрите во главниот град се лекуваат вкупно 265 пациенти потврдени и сомнителни на корона вирус.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 17 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 28 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 21 пациент, во Велес се лекуваат 38 болни, а во Куманово 44 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 45 пациенти, во Прилеп 21, во ковид центарот во Гостивар 12, а во Струга 22 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 18 пациенти, во Кочани 5, во Кичево 8, Кавадарци 30, во Гевгелија 4 лица, а во Дебар 13 позитивни и суспектни на корона вирусот.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 26 нови пациенти поради компликации од корона вирусот.

„Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 90 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“ велат од ресорното министерство.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 9 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 6 нови приеми на пациенти и 11 на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден.

Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 27 пациенти, на Клиниката за неврологија 29 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 15 пациенти со симптоми на корона вирусот. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 69 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 90 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 32 пациенти, на ГАК три пациентки.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 23 оздравени пациенти.