fbpx

Вистиномер: Со стара фотомонтирана насловна страница се обвинува Фаучи дека ја донел СИДА-та во САД

-

Уште од стартот на пандемијата доктор Фаучи, националниот американски експерт за инфективни болести е честа мета на дезинформации и критики. Во  обид да се поткопа неговиот кредибилитет се споделува и оваа дигитално изменета фотографија која го става Фаучи во центарот на кризата со СИДА во осумдесеттите години од минатиот век, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој е споделен колаж од повеќе фотографии, за кои се добива импресија дека се исечоци од стари весници и насловни страници од весници. Во описот на овој колаж стои:

Фаучи, човекот кој што ни ја подари СИДА-та!

На првата од четирите фотографии од исечоци од весници, се наоѓа фотографија од Ентони Фаучи, диектор на Националниот Институт за алергологија и инфективни болести. Доктор Фаучи е директор во оваа американска здравствена институција од 1984 година. Тој има екстензивно портфолио од кое се гледа дека спроведувал основни и применети истражувања за да се превенира, дијагностицира и да се третираат инфективни болести како ХИВ, СИДА, респираторни инфекции, туберкулоза и маларија, eбола и зика вируси. Националниот Институт за алергологија и инфективни болести исто така го поддржува истражувањето за трансплантација и за имунолошки болести, вклучително и автоимуни заболувања, астма и алергии. Буџетот за 2022 година на овој Институт е приближно 6.3 милијарди долари. Од почетокот на пандемијата со коронавирусот, доктор Фаучи е главен советник за здравство на Белата Куќа и тоа беше причина да биде мета на голем број напади, навреди и дисквалификации, како и невистини како онаа во постот што го рецензираме.

На фотографијата за која се добива лажен впечаток дека е реална насловна страница од весник (а не е, како што подоцна и ќе покажеме), стои фотографија од Фаучи, а наднасловот гласи:
Почна епидемија на геј канцер во САД.
Потоа во насловот над фотографијата на Фаучи пишува:
Човекот кој ни ја даде СИДА-та (The man who gave us AIDS).

А од левата страна на фотографијата на англиски јазик зборот ,,кој”  (who) е испишан со големи букви, со цел да се асоцира на Светската здравствена организација (World Health Organization или скратено WHO).

Но, овој дел од исечок од весник е графички изменет и не кореспондира на оригиналниот. Насловната страница која е навистина објавена, е оваа на „Њујорк Пост“ од 6 октомври 1987 година (види овде).

На неа ја нема фотографијата на Фаучи, затоа што таа е дигитално додадена. Фотографијата е дигитално изменета за лажно да се асоцира дека Фаучи е човекот кој ја донел СИДА-та во САД или некако е поврзан со оваа болест.

Сторијата на „Њујорк Пост“ од 6 октомври 1987 година, од страна на Филаделфија Инквајер е оценета за една од највлијателните на сите времиња, затоа што во неа се тврди дека е откриен нултиот пациент, односно првиот пациент кој имал СИДА во кризата со оваа болест во осумдесеттите.

Станувало збор за Гаетан Дугас, француско-канадски стјуарт, кој боледувал од СИДА и починал во 1984 година. Високопрофилираната сторија на „Њујорк Пост“ тврди дека Дугас е одговорен за епидемијата на СИДА бидејќи како што навеле тогаш, патувал, имал незаштитени сексуални односи во различни градови и ги инфицирал партнерите.

Тоа дали стјуартот Дугас е нултиот кој имал СИДА во САД е предмет на дебата, но тоа е друга тема.

Сепак, факт е дека на оваа насловна страница е фотомонтиран ликот на Фаучи и насловот не се однесува на него, туку на стјуартот Дугас.

Уште од стартот на пандемијата доктор Фаучи, националниот американски експерт за инфективни болести е честа мета на дезинформации и критики. Во овој обид да се поткопа неговиот кредибилитет, се споделува и оваа дигитално изменета фотографија која го става Фаучи во центарот на кризата со СИДА во осумдесеттите години од минатиот век.

 

Нема докази за линк меѓу СИДА и вакцина против сипаници

Втората и третата фотографија во постот што го рецензираме се однесува на насловна од „Тајмс“ магазинот која навистина била објавена, а во која се зборува за поврзаност меѓу вакцина против сипаници и СИДА. Меѓутоа, години подоцна ова тврдење било побиено. Како што пишуваат проверувачи на факти на „Фулфект“, нема докази за линк меѓу СИДА и вакцина против сипаници. „Тајмс“ го има објавено текстот пред 35 години, но оттогаш до денес научните студии не пронашле доказ за корелација.

Историчарот за епидемијата на СИДА доктор Џорџ Северс за „Фулфект“  изјавил дека кога теоријата првпат била објавена во 1987 година, била ограничена да не се прошири поради брзиот одоговор од научната заедница.

Следниот ден СЗО и многу високопрофилирани интернационални научници излегоа да кажат дека нема апсолутно никаква вистина во оваа теорија, изјавил тој.

На пример, ден по објавувањето на написот во „Тајмс“, „Њу Сајентист“ објавил дека СЗО негира дека нивните советници и научници дале изјава за ваква корелација. Во текстот на „Њу Сајентист“ се цитира директорот на специјалната програма за СИДА на СЗО во тоа време, Џонатан Ман, кој нотирал дека вакцината против сипаници е дистрибуирана низ многу области во светот изминатите два века откако е откриена од страна на Едвард Џенер во 1796 година и никогаш не била поврзана со појава и зголемување на други болести.

Тој, исто така, ја негира теоријата дека епидемијата на СИДА се случувала во области каде имало неодамнешна вакцинација против мали сипаници.

Во Азија, каде стотици милиони вакцини против мали сипаници беа дадени од 1967 до 1972 година СИДА-та останува реткост. Спротивно, САД има епидемија иако таму малите сипаници беа искоренети пред години, вели тој за „Фулфект“.

Во конкретниот случај за кој пишува „Тајмс“, американски војник кој имал СИДА, непосредно пред тоа примил неколку вакцини вклучително и таа против сипаници. Но, во текстот на „Тајмс“, исто така, пишува дека е познато дека предизвик за имуниот систем некогаш може да предизвика некој инфициран со ХИВ вирусот да развие СИДА.

Текст во „Ајриш Индепендент“, дополнително објави дека „Њу Ингланд Џрнал оф Медисин“ објавил дека врската може да е коинцидентна бидејќи нема други пронајдени вакви случаи. Во „Њу Ингланд Џрнал оф Медисин“ се спори дека дури и ако вакцината против сипаници предизвикала СИДА кај ова лице, овој случај би бил толку многу редок што не може да биде причинител за епидемијата на СИДА во Африка.

Дополнително на тоа, новите медицински истражувања, исто така, ја отфрлаат врската меѓу вакцинација против сипаници и СИДА. Студија од 2018 година во која биле учесници вакцинирани лица против сипаници од Сенегал кои имале и ХИВ, покажа дека не е пронајдена никаква врска меѓу вакцината против сипаници и бета два микроглобулинските нивоа и дека не постои асоцијација меѓу претходната вакцинација против сипаници и прогресијата на ХИВ вирусот.

Други студии покажаа дека вакцината против сипаници можеби имала заштитно ниво против ХИВ и неговата прогресија.

Иако магазинот „Тајмс“ во својот текст се фокусира на теоријата дека вакцината против сипаници може да ја поттикне прогресијата на ХИВ, некои постови на социјалните мрежи, сугерираат дека овие вакцини биле контаминирани со ХИВ вирусот или со СИДА. Овие постови споделуваат фотографија од насловната на „Тајмс“ од 11 мај 1987 година во која не може убаво да се види дека „Тајмс“ никогаш не сугерирал дека тоа е случајот.

Така што, нема докази дека вакцините против сипаници биле контаминирани со ХИВ.

И на крајот, четвртатата фотографија во постот што го рецензираме тврди дека ковид вакцините може да го зголемат ризикот од ХИВ.

„Вистиномер“ веќе го има побиено ова тврдење и целиот текст од рецензијата прочитајте го на следниот линк.

СИДА-та е генерализиран компромис на целото тело на специфична подгрупа на имунолошки клетки (најчесто ЦД4+ лимфоцити) предизвикани конкретно од инфекција со вирусот ХИВ-1. Нема пандан на СИДА-от предизвикан од вакцина“, вели за АП д-р Грант Мекфаден, директор на Биодизајн Центарот за имунотерапија, вакцини и вирусотерапија на државниот универзитет во Аризона.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме за невистинит. Не е точно дека доктор Ентони Фаучи е човекот кој ја подарил СИДА-та на САД, дека вакцините против сипаници предизвикуваат ХИВ и  дека вакцините против ковид-19 го зголемуваат ризикот од ХИВ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...