fbpx

Вистиномер: Сеопфатното сексуално образование не промовира педофилија во училиштата

-

Во Република Северна Македонија педофилијата е кривично дело, така што е невозможно во училиштата да се предаваат содржини кои ја промовираат истата. Во постот се прави пропагандистички спин со цел да се даде погрешна слика за наставата за сеопфатно сексуално образование. Во 2021-2022 година, само четири основни училишта беа опфатени со ССО и не на возраст од 8 и 9 години, туку на возраст од 14 години, односно ученици во деветто одделение за кои родителите дадоа согласност да го слушаат тој предмет. Во постот се споделува и фотографија од Тед говор на девојка за педофилијата. Но, говорот на студентката по медицина Мирјам Хејн не е одржан во САД, како што лажно се тврди, туку во Германија. Нејзиниот говор предизвика контроверзи, ама на ниеден начин не беше внесено во легислативата на САД дека педофилијата е дозволива, поради овој говор или чиј било друг говор!, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се изнесени низа невистини во врска со сеопфатното сексуално образование.

Во постот невистинито се тврди дека невладината организација ХЕРА промовира педофилија во училиштата. Невистинито се тврди и дека малолетните деца на возраст од 8 и 9 години сметале дека сексот треба да се изучува во пониските одделенија.

Во постот се става знак на равенство меѓу педофилијата и сеопфатното сексуално образование, што е невистина, клевета и претставува дел од долгорочната пропаганда која одредени кругови противници на сексуалното образование ја промовираат со месеци. Наставниот кадар кој ќе ја спроведува наставата за сеопфатно сексуално образование (ССО) се навредува во постот и се клевети на начин што се нарекува „педофилски кадар“.

Во склоп на постот се споделува и дезинформацијата дека во Америка академиците сметале оти педофилијата била сексуална ориентација и требало да биде прифатена како таква од општеството, како и тоа дека во земјава со програмата за сеопфатно сексуално образование се промовирала  „пилот педофилија“.

Ниедно од овие тврдења немаат втемеленост во фактите.

На страницата на ХЕРА за сеопфатното сексуално образование, во делот за митови и факти, се вели дека ССО не ги учи децата да имаат секс уште од мали нозе.

ССО ги учи младите за здравје и за сексуалност, а тоа е многу повеќе од „секс“. ССО ги учи младите за телото и како тоа функционира и како да имаат здрави врски – пријателски и романтични. Преку ССО се учи и за безбедност, почит, љубезност, самоизразување, љубов, вредности, правата што секој од нас ги има за своето тело. ССО  им помага на младите да си ги подобрат вештините за комуникација, носење одлуки, поставување и почитување на границите, да бидат емпатични и етични, да знаат како да се справат со одбивање, како да се грижат за своето тело и за своето здравје. Спротивно на верувањето, ССО помага младите да го одложат стапувањето во сексуални односи токму поради подобрата информираност. ССО исто така ги ослободува младите од притисокот од средината и од нивните врсници да влегуваат прерано во сексуални односи, се вели на страницата на ХЕРА.

Понатаму не е точно дека сексуално образование учеле деца на 8 и 9 годишна возраст, туку само ученици во деветто одделение и тоа со писмена согласност на нивните родители, а предметот е изборен и со описна оценка. Станува збор за пилот проект за сеопфатно сексуално образование кој се спроведе во 4 основни училишта со обучени наставници. На часовите присуствувале само деца чии родители дале согласност за оваа воншколска активност. Содржините што се предавале на учениците биле по избор на наставникот и се однесуваат на род, сексуално и репродуктивно здравје, сексуалност, граѓански аспекти, врски и односи, насилство, тело и слика за телото. Токму темата насилство, врски и односи е дијаметрално спротивна на педофилијата и ги учи децата да се заштитат од злоупотреби и да ги препознаат и пријават. Во втората компонента на сеопфатното сексуално образование, се разработуваат врските и односите, но и прашањето на социјален притисок за влегување во врска, стапување во однос, давање согласност за релација и слично. 

Во Република Северна Македонија педофилијата е кривично дело, така што е невозможно да се предаваат во училиштата содржини коишто ја промовираат истата. Во постот што го рецензираме се прави пропагандистички спин со цел да се даде погрешна слика за предметот. Во 2021-2022 година, само четири основни училишта беа опфатени со сеопфатното сексуално образование и не на возраст од 8 и 9 години, туку на возраст од 14 години, односно ученици во деветто одделение за кои родителите дадоа согласност да го слушаат тој предмет.

Хера не дава финансиска туку техничка поддршка за спроведување на проектот.  ХЕРА е самостојна организација формирана во 2000 година, првенствено за превенција на ХИВ. Подоцна станува членка на Меѓународната федерација за планирано родителство, која нема никаква врска со оваа Planned Parenthood, која е американска, велат оттаму за „Вистиномер“.

Фактите, пак, за пилот програмата за сексуално образование се следните:

Таа се спроведува во 4 основни училишта на македонски и на албански јазик во Скопје и во Тетово за деца на возраст од 14-15 години. Програмата ќе ја предаваат обучени наставници со поддршка на тренери за ССО на ХЕРА. Статусот на предметот во наставниот план е проектен, на ниво на вонучилишна активност, односно станува збор за изборен предмет во согласност со родителите.

Според ХЕРА, причината за воведување на пилот програмата за ССО во основното образование е да се измерат резултатите и знаењата и ставовите кај младите за теми од нивен интерес, за да се развие наставна програма која одговара на потребите и средината-културата во која живееме и за да може полесно да се интегрира во наставата за основно образование, согласно новата концепција.

Работна група на Бирото за развој на образованието во февруари 2018 година беше формирана за да подготви наставен модел за пилот ССО. Одлуката за пилотирање на ССО беше донесена на 162 седница на Владата во ноември 2019 година. Во јануари 2020 година беше подготвена наставна програма од Бирото за развој на образованието (БРО) и ХЕРА во согласност со стандардите на УНЕСКО. Во декември 2020 година беа обучени наставници од пилот училиштата за спроведување на ССО, а во март 2021 година беа подготвени прирачници за наставници за спроведување на програмата.

Темите на кои ќе зборуваат учениците на овие часови се однесуваат на промените кои се случуваат во пубертетот, симптоми на ХИВ и сексуално преносливи инфекции и заштита, каде да се обратат за помош при здравствени проблеми или насилство, зошто е потребна еднаквост меѓу мажите и жените, како да го прифатат своето тело и изглед, како да препознаат насилство и да се заштитат, да се заштитат и побараат помош од сексуално насилство, како да градат здрави партнерски врски, да ги почитуваат луѓето без да дискриминираат и да се изборат и самите да бидат почитувани.

Сексуално образование има во Холандија, Шведска, Финска, Швајцарија, Норвешка, Австрија, Естонија, Португалија, Белгија, Ирска, Германија и Велика Британија. Во Албанија ССО е воведено уште од 2012 година во основните и средните училишта. Во Босна и Херцеговина ССО програмата во некои кантони повеќе години се реализира како изборна.

Во постот се споделува и фотографија од Тед говор на девојка за педофилијата. Говорот на студентката по медицина Мирјам Хејн не е одржан во САД, како што лажно се тврди во постот што го рецензираме, туку во Германија и предизвика контроверзи, но на ниеден начин не беше внесено во легислативата на САД дека педофилијата е дозволива, поради овој говор или чиј било друг говор!

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека со ССО се промовира педофилијата, дека програмата ја следат деца на 8 и 9 годишна возраст, дека децата се учат да имаат сексуални односи на што помала возраст, а исто така не е точно ниту тврдењето дека во Америка академиците сметале оти педофилијата е сексуална ориентација.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поскапе осигурувањето за регистрација на возила за 15 отсто

Осигурувањето за регистрација на возила од вчера поскапе за 15 отсто. Новите цени ќе важат за товарните возила и за коли со моќност над 44 киловати, додека цената за...