Фото: Влада на РСМ

Aвторот на објавата не забележал дека, всушност, се работи за сатирична вест. Аналитичарката Сузана Стариков во неколку наврати реагираше на Твитер дека станува збор за првоаприлска шега и дека медиумите треба да престанат да ја пласираат како сериозна вест, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Пост на Фејсбук, повикувајќи се на германски аналитичар, пласира вест дека албанскиот премиер Еди Рама ќе биде нов генерален секретар на НАТО Алијансата. Оваа вест не е точна.

Постот споделува медиумски напис со наслов: Рама наместо Столтенберг на чело на НАТО? Германски аналитичар за изборот на нов шеф на Алијансата.

Германската аналитичарка Сузана Стариков изјави дека Јенс Столтенберг на местото генерален секретар на НАТО би можел да биде заменет од премиерот на Албанија Еди Рама. Таа на Твитер напиша дека САД особено инсистирале на изборот следниот генерален секретар на НАТО да се бара меѓу новите членки на НАТО. Кандидати беа премиерот на Естонија Каја Калас и премиерот на Албанија Еди Рама, напиша Стариков, пренесе Косова онлајн, се вели во написот.

Притоа, во текстот се нагласува дека за ваквата информација нема никаква потврда, ниту реакција од Рама.

И сето тоа ќе беше во ред ако веста не беше првоаприлска шега. Имено, авторот на објавата не ја проверил убаво веста, ниту, пак, го отворил Твитер профилот на аналитичарката Стариков, така што не забележал дека, всушност, станува збор за сатирична вест.

Проблематично е и што не е споделен линк од Твитер, за да можат читателите да ја прочитаат целата објава и да разберат дека станува збор за шега.

Еј, луѓе, навистина е лудо како некои српски и албански медиуми без никакво истражување ја пренесуваат мојата априлска шега како сериозна вест. Но, зошто го прават ова? Можеби затоа што мојата шега е нивна пуста желба? @Novossti, тоа беше само мојот првоаприлски трик, ништо друго, напиша Стариков на Твитер.

Таа потоа уште еднаш реагираше дека нејзината шега продолжува да се пласира како сериозна вест.

И покрај тоа што објавив овде на Твитер, дека ова е моја шега, првоаприлска финта, нема да престанат да ја објавуваат како сериозна вест. Тоа е лудо, полудо, најлудо. ШЕГА е, избришете го ве молам, не сакам да бидам извор на лажни вести.

Кога станува збор за објавување сатирична содржина, тоа треба да биде јасно и видливо нагласено инаку се создава впечаток дека е вистинита, со што се врши манипулација врз јавноста.

Сатирата често се користи и во политички пресметки или пресметки со јавни личности. Затоа пред инстантно да се поверува во било што објавено на социјалните мрежи, треба да се провери од неколку извори дали тоа е вистина.