fbpx

Малолетничките бракови се клучната причина за прекин на образованието, но не и единствената

-

Наметнато од неискоренетите стереотипи во традиционалните семејства, според искуството на експертите, најчесто очекувањата се дека девојчињата Роми треба да останат во семејството, да помагаат околу домаќинството, да се грижат за своите помали браќа и сестри, а таму каде што има млади мајки да се грижат за своите деца. Тоа е и клучната и главната причина зошто го напуштаат образованието, но не е единствената.

Овој поразителен факт во разговор со Мета.мк го потврди и мајка на три ќерки од кои две се омажиле за возрасни мажи пред да станат полнолетни. Сопругот на девојчето што стапило во вонбрачна заедница по своја желба на само 14 години има 25 години.

„Они си знаат сами, нивна работа е дали треба да учат. Од што живеат? Они кога не мислеа порано да учат, па сега да ги терам“, рече мајката чиј идентитет е познат на редакцијата.

Нејзините ќерки веќе се грижат за своите мали деца, а за најмалата, која има една ипол година, мајката рече дека ќе се обиде да го заврши образованието до крај.

Според законот за семејство, во брак може да стапи лице кое има наполнето 18 години. Во случај лицето да е малолетно надлежниот суд може да одлучи дека лице коешто наполнило 16 години може да стапи во брак, доколку исполнува одредени критериуми за физичка и ментална зрелост по процена од центарот за социјални работи и здравствена институција да добие дозвола да стапи во брак.

Но, иако се ретки, постојат малолетнички бракови што не можат да се официјализираат заради тоа што лицата кои сакаат да живеат во брачна заедница не го исполнуваат тој законски минимум од 16 години.

Според Кривичниот законик, детските бракови се забранети, а животот во вонбрачна заедница со малолетни лица се смета за повреда на правата на децата и претставува кривично дело.

Податоците на невладината организација Сонце од Тетово која активно придонесува кон граѓанска интеграција и еднаква практика на демократските права и можности на Ромите говорат дека ваквите бракови се особено се чести во средини каде живее најсиромашното население.

Мергита Стојановиќ, директорката на Сонце, вели дека процентот на малолетничките бракови кај Ромите несразмерно е висок во однос на не ромското население.

„Околу 15-20 проценти од малолетничките бракови се помеѓу децата Роми. Сепак, ова не треба да биде причина за стигматизација за ромската заедница затоа што останатите 80-85 проценти припаѓаат на другите етнички заедници во нашата држава“, изјави Стојановиќ.

Освен што малолетничките бракови имаат негативно влијание врз здравјето на младите девојчиња тоа е и една од причините за напуштањето на училиштето. Раната бременост може да ги принуди девојчињата да го напуштат училиштето без да ги завршат студиите и без потребните вештини, тие се соочуваат со тешкотии да најдат работа и следствено се изложени на висок ризик од сиромаштија.

Мерита Мустафи, која работи како правник и е во директна комуникација со граѓаните од социјално ранливи категории вели дека често им нудат на младите мајки да се вратат во училиште, но поради проблемите со кои се соочуваат немаат таква можност.

„Често се случува да имаме и млади мајки кои немаат можност да се вратат во училиштата и многу рано го напуштиле своето основно образование“, изјави Мустафи додавајќи дека праксата покажува дека склучувањето на малолетничките бракови се одобрува од страна на надлежните институции без притоа да се води грижа за нивното понатамошно образование.

Социјалната работничка Елена Силјаноски смета дека голем број на деца од 9 до 17 години не се вклучени во образовниот процес од најразлични причини како невработеноста на нивните родители, социјалната категорија на овие лица, социоекономскиот статус, сиромаштијата, ризикот од бездомништво, одењето во странство, и враќањето назад од странство.

„Министерството образование нема скратена програма со која на овие деца би им се овозможило да го надоместат пропуштеното образование за да може полесно да продолжат. Бидејќи знаеме од пракса, ние како невладин сектор дека голем дел од децата иако би се вклучиле во образовниот процес на 10 или 11 годишна возраст по природа не можат да се вклопат средината во којашто учат ученици од 6 и 7 годишна возраст. Тука наидуваат на големи проблеми како што се дискриминацијата, сегрегацијата на децата. Значи тоа се еден вид на проблеми коишто се како низа проследени и оттука произлегуваат и тие малолетнички бракови кај децата и голем дел на малолетните мајки коишто имаат свои деца не можат да се вклучат понатаму во образовниот процес, не поради тоа што тие не сакаат туку поради тоа што така ни е поставено во моментов образованието“, рече Силјаноски.

Стојановиќ вели дека треба да се преземат определени мерки во однос на тоа надлежните власти да ги евидентираат регистрираните и нерегистрираните малолетнички бракови.

Таа смета и дека законодавството треба да се усогласи законодавството и да се направи минималната законска возраст за стапување во брак да биде 18 години и со оглед на тоа да планираат кривични санкции за родителите и старателите.

„Исто така потребна е соработка помеѓу центрите за социјална работа, училиштата и наставниот кадар. Со оглед на тоа што наставниот кадар секојдневно одблиску е во контакт со девојчињата од ромската популација и обично таа рана детекција дека се во ризик да го напуштат училиштето и да стапат во малолетнички брак можат да го идентификуваат од прва рака“, рече Стојановиќ.

Но, според Стојановиќ проблемите со кои се соочуваат децата Ромчиња во образованието се повеќе.

„Првичната бариера за напуштање или непосетување на наставата е сиромаштијата. Родителите немајќи финансиски средства не можат да обезбедат облека, обувки и школски материјали. Исто така дел немаат проточна вода и поради неможноста да се одржува лична хигиена тие одлучуваат нивните деца да не ги пуштат на училиште за да ги заштитат од понатамошно малтретирање и омаловажување“, рече Стојановиќ.

Таа истакна и дека дискриминацијата е исто така причина за прекин на образованието, а сегрегацијата како најтежок облик на дискриминација за жал сè уште е присутна во нашата држава.

„Така заради непочитување на таканаречената реонизација и запишување на децата во реоните според нивното место на живеење добиваме чисти класови, паралелки само со деца Роми, дури некаде и цели училишта имаме такви заради непочитување на реонизацијата од страна на не ромските родители. Често се случува и во средините каде што децата Роми учат во училишта каде што учат и деца на други јазици да бидат физички одвоени од другите деца“, рече Стојановиќ.

Според неа дополнителен проблем е и тоа што за жал сè уште постојат деца кои не поседуваат лична документација и од тие причини не можат да се запишат во училиштата и да посетуваат настава или пак не се запознаени со своите права за образование.

 

Автор: Илинка Иљоска

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...