Вил Смит ја напушти Академијата за филм: „Ништо не го објаснува моето однесување“

Принтскрин од Јутјуб видео

По очекуваната суспензија од страна на Академијата за филм, уметност и наука што ги доделува Оскарите, откако на церемонијата на 27 март актерот Вил Смит му удри шлаканица на комичарот Крис Рок, Смит одлучи самиот да се повлече и да ја напушти Академијата. Овој чекор доаѓа по неговата реакција кон Рок откако тој кажа шега на сметка на здравствената состојба на сопругата на Вил, Џејда Смит, пишува Варајети.

Вил своето однување го опиша како „шокантно, болно и без објаснување“.

„Листата на луѓе што ги повредив е многу долга и таа го вклучува Крис и неговото семесјтво, многу од моите сакани и пријатели и сите кои присуствуваа како и оние кои го следеа преносот од дома. Јас ја повредив и довербата на Академијата, ги лишив останатите номинирани и добитници од нивната можност да го прослават својот успех“, изјавил Смит.

Откако ја прими наградата за најдобра машка улога во филмот „Кралот Ричард“ тој во својот говор изрази благодарност кон семејството Вилијамс и на некој начин се обиде да ја оправда неговата реакција споредувајќи се со грижливиот татко чиј лик го толкуваше во филмот. Ричард е упорен татко кој им помага на Серена и Венус да станат успешни тенисерки, но споредбата на Вил како и неговото присуство на забавата на Венити Фер по церемонијата не беше добро прифатена од страна на членовите на Академијата.

Одборот побара од него во рок од 15 дена да достави писмено објаснување каде го образложува своето однесување што ги нарушува стандардните норми на Академијата, и нагласи дека го очекува суспензија, протерување или други санкции, по што тој ја донесе одлуката самиот да се повелече.

Иако Смит јавно му се извини на Крис Рок во понеделникот, ден по одржувањето на „Оскарите“, тој изјавил дека промените одземаат време, но дека е спремен да почне да работи на својата личност и никогаш повеќе да не дозволи насилството да надвладее над разумот.