fbpx

Вежбата ,,Блесок 22” ја прикажа подготвеноста во изведување на воени операции според НАТО стандардите

-

Лесниот пешадиски баталјон (ЛПБ) во рамки на воената вежба ,,Блесок 22”, со поддршка на хеликоптери од воздухопловниот ВИНГ и артилериски орудија, денеска пред присутните на армискиот полигон ,,Криволак“, во рамки на програмата за „Ден на високи гости“, изведе вежбовни активности на кои се презентираше нивото на подготвеноста на ЛПБ во изведување на здружени тактички задачи.

„Не беше лесно, немаше ни многу време, но професионалноста и посветеноста на нашата Армија денеска доби уште еден печат – нашиот Лесен пешадиски баталјон е оценет како „борбено способен за извршување на својата мисија“ според најстрогите НАТО стандарди под мониторинг на искусни набљудувачи од НАТО – Алијансата“ рече министерката за одбрана Славјанка Петровска во своето обраќање по завршувањето на вежбата.

Таа додаде дека 85 проценти од домашните оценувачи се сертифицирани согласно највисоките стандарди на Алијансата, што драстично го надминува НАТО стандардот од 50 проценти сертифицирани домашни набљудувачи.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски им оддаде признание на припадниците на 2.пешадиски баталјон, 1.пешадиска бригада и Командата за операции и воедно изрази благодарност до МО за континуираната поддршка во сите фази на подготовки за создавање на предуслови за реализација на оваа вежба и оценувањето кое беше реализирано изминатата недела.

„Успешното оценување на нашата втора декларирана единица во Армијата за НАТО водени операции е навистина големо достигнување, за кое сите ние сме горди. На сите нас, припадниците на Армијата, во поддршка со надлежните институции ни останува процесот на модернизација и опремување соодветно да го одржиме и надградиме, со што единицата ќе биде подготвена да одговори во секој момент на сите претстојни предизвици“, рече генералот Ѓурчиновски.

На вежбата која се реализираше во период од 3 до 11 април, со изведување на голем број на активности преку сценирани инциденти, се изврши оценување на борбената подготвеност на Лесниот пешадиски баталјон, согласно Стандардите за оценување на копнени команди и единици на Здружената команда за операции на НАТО – CREVAL (Combat Readiness Evaluation).

Од страна на оценувачкиот тим, кој ја следеше реализацијата на предвидените активности, согласно листата на инциденти, по извршената анализа се соопшти официјалната оценка која е „борбено оспособен за извршување на својата мисија“, со што Лесниот пешадиски баталјон ја покажа подготвеноста во исполнувањето на преземените обврски од целите на способности на НАТО.

На денот на високи гости, покрај министерката за одбрана, Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, присуствуваа и потпретседателот на собранието Горан Мисовски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, претставници од Кабинетот на претседателот, од Собранието, Генералштабот и Министерството за одбрана, генералите на Армијата, команданти на командите и единиците на Армијата, воените аташеи акредитирани во Република Северна Македонија и други гости.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...