„Ова е моја втора книга, но прво литературно дело, според нејзиниот уредувач Оливера Ќорвезироска. Интимна е, со личен печат, се чита брзо“, напиша на Фејсбук авторката Синоличка Трпкова во исчекување на вечерашната промоција на нејзината книга „Никогаш не кажувам“.
„Пандемијата ги измолкна од мене овие блиц записи кои си тлееле со години. Јас не сум писател. Можеби сум професор што глуми дека е актер, додека пишува. Или актер што глуми дека е писател, додека професорува … или само мајка што сонува дека е уметник. Да не се моите деца и семејството, не би знаела ни дека постојам – додаде таа.
„Никогаш не кажувам“ е куса проза со есеистички поттекст. Нејзината организација во пет одделни циклуси и воведна, програмска приказна со ист наслов како и самата книга, го структурира читањето, формирајќи одделни островчиња на интерес, како на авторката, така и на потенцијалниот читател. Започнува со крајно лични приказни со острицата на ножот вперена во раскажувачкото јас; со син и ќерка, со состојба во која „раскажувачот“ е родител; продолжува во втора целина кога „раскажувачот“ е дете; третиот циклус е мешавина и од едното и од другото, вител од родители и деца, од минато и сегашност измешани во некакво трајно постоење, наведуваат од Арс Ламина.
Синоличка (Ноли) Трпкова е филмска, телевизиска и театарска актерка. Долгогодишна професорка е на Факултетот за драмски уметности по предметот Актерска игра пред камера и е авторка на учебник на оваа тема, единствен на македонски јазик. Позната е и како колумнист, авторка и водителка на образовен телевизиски серијал; препознатлив глас „на совеста“ на социјалните мрежи, каде што често го кажува јасно и прецизно она што другите го мислат.
Промоцијата на книгата е вечерва, во Литература мк, во Ситимол, во 19 00.