fbpx

Ванхауте се врати од Брисел, нова надеж за преговорите

-

Работните групи на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино, денеска се очекува повторно да се сретнат во Клубот на пратеници во Скопје, со намера да ги доближат ставовите околу прочистувањето на избирачкиот список и реформите во медиумите. Точното време на средбата сè уште не е познато.

Се очекува белгискиот олеснувач Питер Ванхауте да донесе нов предлог-закон за медиуми или, пак, да го модифицира претходниот по консултациите што деновиве ги направи во Брисел.

Според нашите информации, нема поместување во преговарачките позиции на партиите за двете спорни прашања – прочистувањето на избирачкиот список и реформата во медиумите.

Од ВМРО-ДПМНЕ сè уште не одговориле на понудата на СДСМ за заемно повлекување на амандманите за спорните прашања во врска со методологијата за прочистување предложена од Државната изборна комисија (ДИК) и со законот за медиуми предложен од белгискиот олеснувач Питер Ванхауте.

Минатата недела на работните групи, СДСМ на владејачката партија ѝ понуди да ги повлече забелешките што ги има за методологијата за прочистување на избирачкиот список ако ВМРО-ДПМНЕ се согласи да ги прифати предлозите на меѓународната заедница за реформи во медиумите.

Закон за владино рекламирање и комбинирана форма за функционирање на МРТВ по словенечко-германско-белгиски модел се предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за регулирање на медиумите.

Од владејачката партија предлагаат финансирањето на МРТВ да биде на два начина: едниот начин е таа да се финансира преку буџетот, а вториот – преку радиодифузна такса. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ предложила Советот на МРТВ да остане ист, a 100 дена пред изборите, информативната програма да ја уредуваат двајца уредници, еден од власта и еден од опозицијата.

Од владејачката партија предлагаат и Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги да биде составен од седум члена, од кои по два члена треба да предложат ЗНМ и МАН, а од кои едниот да биде од националните телевизии. Според предлогот на власта, по еден член треба да предложат и интеруниверзитетската академија, МАНУ и адвокатската комора.

ВМРО-ДПМНЕ предложила и намалување на казните за медиумите, а бара и сите медиуми во Македонија да се регистрираат како трговски друштва.

Овие предлози се неприфатливи за СДСМ и за Здружението на новинари на Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Украинците – топовско месо“ е дезинформацијата на Москва за американската помош за Украина

Изгласувањето на американската помош за Украина, Тајван и Израел прво во Долниот, па потоа и во Горниот дом на на американскиот Конгрес, беше главен мотив за реакциите од Москва во кои...