Утревечер почнува Евровизија, првпат по 20 години Македонија без свој претставник

Според обложувалниците, најголеми шанси за победа годинава има шведската претставничка Лорин (Loreen), која веќе еднаш ѝ однесе победа на земјата - во 2012 година со песната „Euphoria“

Jonatan Svensson Glad // CC-BY-SA 3.0 // via Wikimedia Commons, CC BY-SA 3.0 , via Wikimedia Commons

Годинешниот избор за песна на Евровизија започнува утревечер, а ќе се одржи во Ливерпул Арената во Обединетото Кралство. За првпат по дваесет години, Македонија нема свој претставник на ова големо музичко натпреварување, откако Македонската радио-телевизија (МРТ) соопшти оти нема да учествува поради енергетската криза и скратените финансии.

По минатогодишната победа на украинскиот Калуш Оркестар, Украина требаше да биде домаќин на Евросонг 2023. Поради руската инвазија на земјата, такво нешто не е возможно, па наместо тоа, домаќин на Евровизија годинава ќе биде британскиот Би-Би-Си.

Обединетото Кралство минатата година го освои второто место со изведувачот Сем Рајдер и песната „Space Man“.

Манифестацијата и годинава се содржи од две полуфиналиња, од кои првото е закажано за утревечер со почеток од 21 часот, додека второто ќе се случи во четврток. Големото финале, пак, ќе се одржи во сабота, на 13 мај.

Слоганот на најголемиот европски музички натпревар годинава гласи „Обединети од музиката“ (United By Music). Вкупно 37 држави ќе се претстават на Евровизија, односно три помалку од минатата година откако покрај Македонија, учеството го повлекоа и Бугарија и Црна Гора. Од земјите од регионот, Србија и Хрватска ќе настапат утревечер, додека Албанија и Грција ќе се претстават во втората полуфинална вечер.

Шведска фаворит за победа

Според обложувалниците, најголеми шанси за победа годинава има шведската претставничка Лорин (Loreen), која веќе еднаш ѝ однесе победа на земјата – во 2012 година со песната „Euphoria“.

Доколку победи и годинава, Лорин ќе биде втората пејачка во историјата што победила два пати на овој натпревар. Ирскиот пејач Џони Логан  е единствениот што досега победил три пати на ова натпреварување – два пати како изведувач и еднаш како автор на песна.

Покрај Шведска, обложувалниците поголеми шанси за победа им даваат и на Финска, Франција и Украина, а најмали на Романија, Латвија и Албанија.

Македонија без претставник за првпат по две децении

Северна Македонија за првпат од 2004 година ќе нема свој претставник на Евросонг. Прва најава за повлекување од натпреварот, јавниот сервис МРТ даде за време на одржувањето на Евровизија минатата година, кога македонската претставничка Андреа предизвика лавина реакции во јавноста поради тоа што, за да се фотографира, го фрли македонското знаме од рака.

Од МРТ тогаш изјавија дека поради „негативниот имиџ“ кој се создава околу учествата на нашите претставници, се разгледува можноста земјава повеќе да не учествува на Евровизија.

„Македонската Радио Телевизија, по инцидентот којшто се случи за време на официјалната церемонија за отворање на „Евросонг 2022“, кога нашата претставничка Андреа Коевска го фрли македонското знаме на тиркизниот тепих и по првичното соопштение коешто беше објавено по реакциите на јавноста, детално ги разгледа сите аспекти за евентуалното повлекување на нашата претставничка од Евровизија“, стоеше во соопштението на јавниот сервис во мај минатата година.

Официјална потврда за повлекувањето од натпреварот стигна во октомври, но тогаш од МРТ дадоа поинакво оправдување за ваквата одлука – наведувајќи ги енергетската криза и финансиите како главни причини за повлекување од Евровизија.

„Ваквата одлука е во најдобар интерес на граѓаните, имајќи ги предвид зголемените трошоци поради енергетската криза, коишто зафаќаат голем дел од буџетот на Јавниот сервис, како и зголемената котизација за самото учество на „Евросонг 2023“, којашто до минатата година изнесуваше 39.143,00 евра, а идната година се очекува да биде повисока“, рекоа од македонскиот јавен сервис во октомври 2022 година.

Фановите на Евровизија во земјава, сепак, ќе имаат можност да го следат преносот на Македонската радио-телевизија. Македонија, заедно со САД и Чиле се единствените држави кои не се учеснички, а ќе имаат можност да го следат преносот во живо на телевизија.

Покрај ова, гледачите кои гледаат во земјите што не учествуваат на овогодишното натпреварување, за првпат ќе може да гласаат на Евровизија преку официјалната мобилна апликација или директно на евровизиската интернет-страница.