МРТ одлучи „во најдобар интерес на граѓаните“ следната година да не учествува на Евровизија

Фото: eurovisionworld.com

Македонската радио телевизија (МРТ) денеска соопшти дека идната година нема да учествува на Изборот за песна на Евровизија што ќе се одржи во Обединетото Кралство. Како главни причини за ваквата одлука ги наведе енергетската криза и финансиите.

„Ваквата одлука е во најдобар интерес на граѓаните, имајќи ги предвид зголемените трошоци поради енергетската криза, коишто зафаќаат голем дел од буџетот на Јавниот сервис, како и зголемената котизација за самото учество на „Евросонг 2023“, којашто до минатата година изнесуваше 39.143,00 евра, а идната година се очекува да биде повисока“, наведено е во соопштението на македонскиот јавен сервис.

Според МРТ оваа одлука ќе овозможи заштеда на средствата што би требало да се издвојат престојот на македонската делегација во Ливерпул, каде што ќе се одржи „Евросонг 2023“.

Сепак љубителите на овој фестивал ќе имаат можност да го следат преносот. Од МРТ велат дека на своите сервиси ќе ја пренесуваат манифестацијата, двете полуфинални вечери и големото финале на 9,11 и 13 мај.

Иако по победата на оркестарот Калуш во Торино, Украина традиционално требаше да биде домаќин на Изборот за песна на Евровизија 2023, поради руската инвазија на земјата, фестивалскиот домаќин во Обединетото Кралство ќе биде Би-Би-Си.

Од МРТ изразија надеж дека состојбата во иднина ќе се стабилизира, по што земјава повторно ќе се врати со учество на Евровизија во 2024 година.