Утре почнува 20-то издание на Синедејс, ќе се гледаат филмови на повеќе локации низ Скопје

Со проекција на филмот „Анет“ во 21 часот во Градскиот парк, утре вечер ќе биде отворено јубилејното 20-то издание на Синедејс кое ќе се одржи на повеќе локации во Скопје. Покрај во киното во Градскиот парк, филмските проекции, работилниците, концертите и другите предвидени настани ќе се одржат во паркот на Младинскиот културен центар, паркот Ибни Пајко и кината Фросина и Милениум.

Филмската програма е поделена на гала програма, официјална селекција, SEE програма, МК во ЕУ, МК кратки, LUX награди, BAFTA кратки, детска програма и УНИЦЕФ ЕКО. Во рамките на придружната програма, познатиот филмски режисер Бела Тар ќе одржи мастер клас во киното Фросина на 17 јули, со почеток од 15 часот. Во соработка со Флипбук Филм Фестивал, на годинешното издание ќе се прикажат 23 анимирани музички спота на некои од најголемите музички имиња во светот, како и на возбудливи инди и нови музички имиња.

Во рамките на фестивалот, како придружна програма се предвидени и предавањето на тема „Музиката во македонскиот игран филм“ на проф.д-р Александар Трајковски и презентација на снимените видеа во рамките на 72 часа еко-филм, каде млади луѓе аплицираа како тимови за снимање на кратки видеа на однапред зададена еко-тема.

На Синедејс годинава ќе има и работилница за изработка на еко ‘chill’ зона наменета за млади лица на возраст од 15 до 20 години, како и презентација на меѓународниот музички проект Living Music.

Во делот на Синемјузик, на 15 јули ќе настапи групата Бела Техника од Србија, на 16 јули е закажан настапот на Дина Јашари, додека еден ден подоцна гостува поп-бендот Свемирко. На затворање на фестивалот на 21 јули, планирано е да настапат L’Eclair.

Маргарита Арсова, која е 10 години дел од фестивалот и е годинешен координатор на презентацијата на програмата во понеделникот кажа дека и годинава имаат одлична програма и дека многу и е драго што во рамките на гала програмата ќе има филмови коишто се прикажуваат на фестивалот во Кан, а ќе ги донесат на Синедејс. Повеќе информации за 20-тото издание на Синедејс може да се дознаат на официјалната веб-страница на фестивалот.