Утре ќе се отвори изложбата „Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“

Во Музејот на Република Северна Македонија утре со почеток од 19 часот ќе се отвори архитектонската изложба „Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“, информираат од Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата Континео 2020 од Скопје.

„Изложбата е резултат на едногодишниот проект од областа на културата и архитектурата насловен „Улогата на жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“ кој Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата го спроведе со финансиска поддршка од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија“, информираат организаторите на изложбата.

Авторскиот тим на проектот го сочинуваат Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски и Бојана Стојменовска.

Изложбената поставка ќе биде отворена за јавноста до 23 март 2022 година. Одржувањето на изложбата во Музејот на Република Северна Македонија има и симболичен карактер, бидејќи токму автори на ова архитектонско дело во Старата скопска чаршија се архитектите Мимоза Несторова Томиќ и Кирил Муратовски.

Сите заинтересирани лица ќе имаат можност да пристапат до дигитализираната архива од податоци за авторите и објектите опфатени во проектот на веб-страницата www.womenarchitects.mk, а јавноста ќе може да се запознае со податоците за одбраните архитектонски зданија изработени од жените-архитекти и на Фејсбук профил на проектот.