Советот на Општина Центар го усвои буџетот за 2024 година кој изнесува нешто повеќе од 833 милиони денари.
Од Општината соопштуваат дека новите крупни инвестиции предвидуваат реконструкција на Спортската сала „Работнички“ во Градскиот Парк, хортикултурно и партерно уредување во населбата Капиштец – на потегот од Зебра до паркот Капиштец, реконструкција на 14 улици, меѓу кои: Елисие Поповски, Светозар Марковиќ, Дебарца, Блаже Тодоровски, поставување фотоволтаици на основните училишта, нова детска градинка во населба Пролет, доградба во ООУ „Коле Неделковски“, и др.
Во буџетот за 2024 година планирана е и изградба и реконструкција на повеќе спортски и детски игралишта, санација и набавка на нова урбана опрема, модернизирање на системот за јавно осветлување со воведување ЛЕД-технологија и со примена на современи техники за управување и надзор, поставување зеленило, изградба и дислокација на комунална инфраструктура.
Освен реализација на капиталните инвестиции, буџетот предвидува и одржување на постоечката инфраструктура, сервисирање на тековните потреби за граѓаните на општината, како и проекти од областа на образованието, културата, социјалата, спортот, животната средина, и други.
Буџетот на Општина Центар за 2024 година беше донесен со 15 гласови ЗА и 3 воздржани.