Општина Центар новогодишно украсена, Град Скопје во фаза на украсување

Покрај во населбата Дебар Маало, Општина Центар постави новогодишни украси и на скверот и паркот во населбата Капиштец. Градот Скопје информира дека Скопје ќе блесне во новогодишна магија на 15 декември

Извор на фотографија: Општина Центар

Општина Центар го заврши новогодишното украсување во центарот на Скопје, додека кај Град Скопје оваа обврска е во тек на реализација. На помалку од 20 дена од новогодишната ноќ, локалните власти информираат за текот на реализацијата на новогодишното украсување.

„Годинава општината е украсена на повеќе локации каде се поставија новогодишни елки, светлосни фигури, украсни лед сијалици и други новогодишни украси. Украсувањето започна од улицата „Орце Николов“ па продолжи кон улиците Боемска 1 и 2 каде на неколку локации е поставена мрежа со сијалички, светлосни фигури на бандери, ѕвездено небо и 9 метарска новогодишна елка. Украсен е и Скверот пред општината каде има поставено мрежа со сијалички на сите дрва, светлосни фигури, забавен парк и дрвени куќички“, информираат од Општина Центар.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски вели дека граѓаните заслужуваат да уживаат во предновогодишната атмосфера и додава дека оваа скопска општина е единствената украсена во Градот Скопје.

Покрај во населбата Дебар Маало, Општина Центар постави новогодишни украси и на скверот и паркот во населбата Капиштец.

Од Град Скопје пак информираат дека главниот град ќе добие соодветно новогодишно украсување, наспроти прашањата на дел од медиумите и граѓаните зошто тоа не е направено до сега. Главниот град ќе блесне во новогодишната магија на 15 декември, велат од Град Скопје.

Од Градот Скопје информираат дека украсувањето е веќе започнато, со тоа што главниот град оваа година ќе биде украсен, но за драстично пониска сума од она што досега секоја година се трошело на украсување на градот преку сомнителни набавки. Од Градот Скопје информираат дека новогодишното украсување ќе чини 30.000 евра и додаваат дека во минатото годишно за китење се трошеле помеѓу 90.000 и 245.000 евра.