Уште едно бебенце од реткиот вид белорак гибон се роди во Зоо Скопје

Фото: Зоо Скопје

Зоолошката градина во Скопје објави уште една среќна вест. Во нивното животинско царство се родило уште едно бебенце, станува збор за редок вид белорак гибон.

„Во Зоо Скопје, на мама Бетка и тато Џорџ им се роди уште едно бебенце од видот белорак гибон. Полот сè уште не го знаеме бидејќи не сакаме да ја вознемируваме мама, а бебето има и постара сестричка-Софи, која се роди пред околу две години и за која пишуваа сите светски медиуми, токму поради фактот што гибоните се еден од најзагрозените видови и носењето подмладок на свет е реткост и во природата и во зоолошките градини. Белораките гибони во природата се загрозени на повеќе начини: најприсутна закана е губитокот на нивните живеалишта, односно масовната сеча на дрва, изградба на патишта, земјоделски активности, туризам, шумски пожари, неконтролирано уништување на шумите, изградба на нови села и насади на маслодајни палми… Се надеваме дека светот нема да дозволи повеќе овој вид да биде загрозен. Да ни е живо и здраво новото бебенце гибон“, порачаа од скопската зоолошка градина во нивната објава на фејсбук.