fbpx

Долг процес до транспарентност: Како ЗОО Скопје се обиде да крие информации од јавен карактер?

Голготата на Мета.мк за да добие одговори за причините за смртта на жирафата Каспер, за бројот на угинати животни во Зоолошката градина Скопје и за причините зошто установата го изгуби кандидатскиот статус во ЕАЗА, траеше точно 2,5 месеци

-

Точно два и пол месеци траеше голготата на редакцијата на Мета.мк да добие информации од јавен карактер од Зоолошката градина – Скопје, а во врска со прашања чии одговори не би требало да имаат одреден степен на тајност, ниту пак да бидат скриени од очите на јавноста.

Минатата година во Зоолошката градина Скопје угинаа осум животни, а посебно внимание во јавноста предизвика смртта на двете жирафи кои долго време беа белег на установата, предизвикувајќи внимание кај посетителите. Угинаа Каспер и Флопи, а ЗОО Скопје остана без жирафа, воедно го загуби кандидатскиот статус во Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА), се случи труење на три пржевалиски коњи, а јавноста доби малку одговори во врска со сите овие случувања.

Мета.мк испрати барање за слободен пристап до информации уште кон почетокот на декември лани, а од ЗОО Скопје иако го прифатија барањето, не одговорија конкретно на ниту едно од нашите прашања.

Скопската зоолошка градина го крие бројот на угинати животни

Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер ја прифати жалбата што ја поднесе Мета.мк и ја задолжи установата да ни дoстави одговори. Образложението на агенцијата беше прецизно и децидно – дека сите информации што ги бараме се во доменот на јавни информации, а доколку зоолошката сметала дека оддавањето на информациите можеле да имаат штетни последици, требало да го спроведе таканаречениот „тест за штетност“.

По два и пол месеци, на 15 февруари од ЗОО Скопје ги добивме одговорите – колку животни угинале во скопската зоолошка, кои се причините за смртта на двете жирафи и зошто македонската зоолошка градина го загуби кандидатскиот статус во ЕАЗА?

На исто барање – два одговора

Зоолошката градина Скопје во одговорот доставен на 21.12.2023 година, тврдеше дека не може да ни ги достави документите за извршената обдукција на жирафата Каспер и причините за смртта, со тврдење дека „постапката за причините за угинувањето се во тек, а кога одредена постапка е во тек, не може да се даде информација за истата, затоа што би имало штетни последици“.

Одговор од ЗОО Скопје, 21.12.2023

По поднесената жалба до Агенцијата за слободен пристап до информации, Зоолошката градина Скопје достави одговор сосема спротивен од првиот. Па така, од обдукцискиот протокол од Факултетот за ветеринарна медицина може да се види дека обдукцијата кај жирафата била завршена уште во мај 2023 година и дека „не е во тек“, односно била окончана пред уште 9 месеци.

Одговор од ЗОО Скопје, 15.02.2024

Според извршената обдукција, Каспер, жирафа стара 13 години, угинала како последица на инфекцијата од бактеријата салмонела естеридис. Инаку, контаминацијата со салмонела се јавува преку консумирање на контаминирана храна како јајца, млеко и месо од живина. Дополнително, според обдукцијата, кај Каспер биле дијагностицирани и паразити во цревата – Capilarija и Trichulis.

Во однос на причината за смрт кај втората жирафа, Флопи, од ЗОО Скопје исто така го добивме наодот од обдукцијата, во кој се тврди дека таа починала како последица на малиген тумор на епителот на жолчните канали во црниот дроб и метастази на белите дробови.

Во однос на бројот на угинати животни во 2023 година, во образложението на ЗОО Скопје првично стоеше дека не можат да дадат одговор бидејќи за дел од животните во тек е постапка за утврдување на причините за смртта.

По поднесената жалба и укажувањето од Агенцијата, произлезе дека всушност бројката на угинати животни не може да биде податок што би требало и може да се скрие.

Па така, од ЗОО Скопје одговорија дека во 2022 и во 2023 година угинале вкупно 19 животни: два волка, златен фазан, две жирафи, тигрица, два лемура, три Пржевалски коњи, еланд антилопа, црн лебед, три пингвини, џуџеста коза, берберска овца и белоглав стрвинар.

Зошто земјава го изгуби кандидатското членство во ЕАЗА?

Иако првично одби, Зоолошката градина Скопје по укажувањата на Агенцијата за слободен пристап до информации, го достави и дописот од ЕАЗА, со цел јавноста да има увид кои се причините за губењето на кандидатскиот статус на земјава.

Во дописот стои дека „дополнителните информации дадени во 2022 и во 2023 година довеле до заклучок дека ЗОО Скопје сè уште не ги исполнува стандардите за полноправно членство, во повеќе области“.

„Некои од овие области се безбедноста, образовната сигнализација и планот за едукација, чување на евиденцијата и придонесот за конзервација“.

ЗОО Скопје може да аплицира повторно за членство во ЕАЗА за пет години. Најмалку во следните две години, Зоолошката градина во Скопје нема да може да учествува во програмите на ЕАЗА за управување со популацијата.

Откако директорот Ѓорги Галетановски даде отказ во 2021 година, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска постави три различни директори во скопската Зоолошка градина. Првиот, Кристијан Стаменов, беше разрешен во јули 2022 година, откако Вистиномер го разобличи колењето коњи во зоолошката за храна за месојадите животни.

По разрешувањето на Стаменов, за в.д. директор беше назначен Драган Илиевски. И тој потоа беше разрешен бидејќи не бил избран од редот на вработените, што е услов за позицијата според статутот на скопската Зоолошка градина. По разрешувањето, тој беше назначен како генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“, а во февруари годинава и оттаму беше разрешен.

Актуелен директор на Зоолошката градина е Зоран Попов.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патоказот со ФИРОМ во Грција не е поставен сега, туку постои барем две години

Вакви патокази во Грција постојат барем две години, а некои и од пред потпишувањето на Преспанскиот договор. Поранешниот премиер Зоран Заев за грчките медиуми уште лани изрази очекување дека...