fbpx

Улрик Хагеруп: Еве зошто конструктивните новинари се „најдобриот пријател“ на луѓето

Конструктивното новинарство е далекувидно новинарство; дава одговор на прашањето „што може да се направи сега? и како?“, вели основачот на Конструктивниот институт во интервју за Порталб.мк

-

Улрик Хагеруп, основач и директор на Конструктивниот институт, работејќи како главен уредник во еден познат дански медиум сфатил дека поголемиот дел од вестите што ѝ ги сервирал на својата публика биле негативни и предизвикувале страв. Така тој решил да се повлече за да ги создаде правилата на едно „подобро новинарство“. Денес институтот што тој го води им помага на новинарите и медиумските организации да користат конструктивно известување преку програмите за стипендирање, наставни програми за обука и преку поттикнување на независни академски истражувања.

Десет години беше директор за информации во данскиот јавен сервис. Бил главен уредник во NORDJYSKE Media, и Jyllands-Posten и истовремено и истражувачки новинар. Во 1990 година ја доби наградата „Cavling“, која е данска верзија на „Пулицер“, а ја има и титулата витез „Dannebrog“ што ја доделува данската кралица Маргрет. Главната уредничка на Порталб.мк, Елида Зулбеари, ги посети канцелариите на Конструктивниот институт во Архус, Данска и присуствуваше на дел од неговите предавања за тоа како новинарите можат да станат „најдобри пријатели“ на луѓето. Потоа таа оствари и еден интересен разговор со него.

Едно кратко објаснување, ве молам: Што е конструктивно новинарство? Што не е?

Улрик Хагеруп: Конструктивното новинарство е далекувидно новинарство; дава одговор на прашањето „што може да се направи сега? и како?“, прашања кои барем јас, а и повеќето од твоите колеги, не сум ги научил во новинарската школа. Новинарството во моментов е повеќе фокусирано на тоа „кој го направи тоа“ и „што се случи“, „кој е виновен“, а конструктивното новинарство е продолжение на последните вести и истражувачкото новинарство, не е алтернатива на тоа. Не е активизам, не е позитивно и наивно новинарство, тоа е критичко, далекувидно, инспиративно новинарство за можните решенија на заедничкиот проблем.

Со појавата на дигиталните медиуми и социјалните платформи, каква е улогата на конструктивното новинарство во обликувањето на јавниот дискурс и против поларизацијата?

Улрик Хагеруп: Станува збор за промена на менталитетот на медиумите и новинарите за да се мисли дека улогата на новинарството е ем да гради мостови во општеството ем да биде олеснувач на јавната дискусија за тоа како можеме да го подобриме општеството, но без да заземаме нечија страна и без да се трудиме ние самите да одлучиме како треба да оди напред општеството. Ние треба да бидеме трета власт меѓу власта и опозицијата, треба да се трудиме да бидеме непристрасни, да се трудиме да бидеме љубопитни во име на јавноста. Ние треба да бидеме „најдобриот пријател“ на јавноста, а не најдобар пријател на опозицијата, или на власта или на олигарсите од оваа или онаа страна. Ние треба да бидеме соработници на вистината, а не конкуренти за објавување на сензационализми.

Што ве мотивираше да го основате Конструктивниот институт?

Улрик Хагеруп: Во новинарството се вклучив како и повеќето луѓе затоа што сакаме да направиме нешто добро за општеството, сакаме да им раскажуваме важни приказни на луѓето за да можат подобро да си се разберат себеси и она што се случува околу нив во овој свет за да можат да донесат подобри одлуки. Така што, ова е идеалот, а тоа беше идеалот и за мене, но се видов себеси како станувам повеќе дел од новинарската култура каде што во основа се обидувате да пишувате написи за да им се допаднат на другите новинари, наставници, уредници, колеги и некои луѓе, или за да добиете награди од новинарските комитети. Оваа цел стана мојот главен фокус во комбинација со дигиталната ера каде што можеме да измериме сè, имаме податоци за тоа што луѓето најмногу кликнуваат, што им се допаѓа или споделуваат. Значи преовладува „Вотергејт синдромот“, што подразбира дека новинарите имаат за цел да создаваат стории кои ќе соборат некого од власт за да добијат награди за новинарство. Ова, во комбинација со идејата дека новинарството е само еден производ и вие мерите како луѓето го користат вашиот производ, ќе значи дека ако кликнат повеќе на експлозивни написи, вие ќе објавувате повеќе такви написи. Тоа беше причината поради која решив да се повлечам. Ми требаше време да размислам: „Дали новинарството е дел од проблемот на поларизацијата и недовербата што ја гледаме во демократијата?“ и „како можеме да станеме решение за овој проблем?“. Мораме да носиме решенија, новинарството е толку важно, не за новинарите, туку е важно за општеството, а кога новинарството не функционира во реалноста, а сега не функционира, не функционира ниту демократијата.

Фото: Порталб.мк

Која е улогата на конструктивното новинарство во борбата против дезинформациите? Дали може да помогне?

Улрик Хагеруп: Ние гледаме едно зголемување на дезинформациите и лажните вести, а досега начинот за справување со истите беше објавувањето на рецензии (проверка на факти), но само тоа не е доволно. Трикот е да ја разбереме моќта што ја имаме, одговорноста што доаѓа со слободата на печатот и дека во ерата на вештачката интелигенција (ВИ) нашето најголемо богатство е луѓето да веруваат во она што го правиме. Затоа, на луѓето ние мораме да им ја претставиме најдобрата и најблиската верзија на вистината и целото време мора да го потрошиме превејќи го тоа. Ние треба да бидеме „најдобриот пријател“ што луѓето го имаат, затоа што најдобрите пријатели не ве лажат, тие не ви кажуваат само убави работи, туку ќе ви кажат ако вашата коса е нерасчешлана, ако треба да направите нешто поинаку, ќе ви ги покажат сите работи што треба да ги направите за да бидете најдобрата верзија на себе си. Ние имаме една улога која треба да ја одиграме, како најдобриот пријател, а на луѓето повеќе од кога било им требаат новинари на кои може да им се обратат, кои не се таму за да ве манипулираат да мислите како што мислат тие, кои не се обидуваат да ви продадат нешто, туку кои се обидуваат да бидат ваш водич во животот. На луѓето не им требаат повеќе информации, туку им требаат насоки.

Како може вештачката интелигенција (АИ) да му помогне на новинарството?

Улрик Хагеруп: Технологијата отсекогаш ни помагала да ги правиме здодевните работи. Вештачката интелигенција исто така треба да ни помогне да ги правиме сите работи што се тривијални и лесни. Факт е дека многу новинари своето време го поминуваат правејќи здодевни работи, истражувајќи на Интернет, нешто што можат да го направат роботите.

Тие можат да го направат тоа лесно и можат да произведат со точност многу од написите што ги правиме и се обидуваме да им ги продадеме на луѓето, но за кои тие повеќе не сакаат да плаќаат. Во иднина ние мораме да создадеме повисоки вредности, мора да дадеме повеќе од само податоци и информации, мораме да се искачиме на повисоко ниво, за да и дадеме на публиката знаење и мудрост. Со користење на новинарската чувствителност, со работа на терен за да разговараме со луѓето, за да им покажеме како мириса и какво чувство дава предметот за кој зборуваме во нашите вести, така ќе се стекне довербата на луѓето и тие ќе ви ги раскажат своите приказни кои се релевантни за сите. Ова е она што ние можеме да го направиме, а вештачката интелигенција не може. Ние треба да сватиме што можеме ние да направиме, а вештачката интелигенција не може. Создавањето на еден конструктивен напис е дел од ова, активно барајќи нови одговори, целосната приказна за некој настан, обезбедувајќи не повеќе информации, туку релевантни информации за луѓето и користејќи емпатија. Сочувајќи ја вредноста на едно човечко суштество, да излезете таму во име на други човечки суштества и да им објаснувате како нивен најдобар пријател што навистина се случува и како тие можат да се вклучат во изнаоѓањето на решенија за проблемите.

Можете ли да споделите со нас конкретен случај каде што конструктивното новинарство имало опипливо позитивно влијание?

Улрик Хагеруп: Има еден напис кој имаше големо влијание во отворањето на една широка дебата во општеството. Проблемот се однесува на недостатокот на лекари во руралните средини во Данска. Мислам дека ова е проблем со кој се соочуваат многу земји, младите лекари не сакаат да ги напуштат универзитетските градови каде што живеат со своите семејства, така што во руралните средини на земјата ние имаме недостиг на лекари. Така, додека ние постојано зборувавме за тоа кој е виновен за овој проблем, што секако е исто така важно, но додека ја правевме целата оваа галама во медиумите за да го најдеме виновникот, луѓето во руралните области имаа само една грижа: кога ќе има лекари?

Така, она што го направивме е дека побаравме решенија за овој проблем во други земји во светот кои што всушност направиле нешто за да го решат овој проблем и кои успеале во тоа. Ова е начинот на кој треба да се постапи во овие случаи, односно новинарските истражувања треба да се фокусираат на овој аспект, да се најде решение. Ние откривме дека во Норвешка нашле решение за овој проблем и објавувањето на написот го промени наративот и јавната дебата во Данска. Бидејќи тие го решиле тој проблем и ние како новинари ја објавивме оваа информација со решението, сега за недостигот од лекари во нашето општество се зборува како за проблем кој може да се реши, а не како проблем кој нема решение. Значи, ако на политичарите и на носителите на одлуки не им се допаѓа оваа идеја, треба да ги прашаме: „Која е вашата алтернатива?“. Сега веќе не разговараме за тоа кого да обвиниме, туку какво решение да примениме.

Фото: Порталб.мк

Како постигнувате рамнотежа помеѓу тоа да се биде критичен и во исто време конструктивен во вашето известување?

Улрик Хагеруп: Прво треба да дефинираме што е критика. Јас лично се плашев дека другите новинари ќе ме сметаа како недоволно критичен, така што понекогаш бев агресивен за другите новинари да видат дека не сум некритичен. Да се биде критичен

значи да се биде скептичен по природа. Ако некој ви каже дека го нашол лекот за рак и сака да пишувате за тоа, треба да бидете љубопитни и да видите дали тоа е вистина, а исто така треба да побарате да ја видите документацијата за тврдењето дека некој навистина пронашол лек што може да го излечи ракот. Мора да бидете критични, да се запрашате дали можете да го докажете вашето тврдење, дали можете да ги видите доказите, дали можете да разговарате со други луѓе, дали се рецензирани итн. Сите овие прашања треба да ги поставите не агресивно, туку љубопитно.

Се разбира дека не треба да го напишете написот само затоа што некој вели дека направил нешто, туку кога некој навистина направил нешто и што е во добро на општеството. Исто така, треба да и покажете на публиката дека сте ги поставиле тие критични прашања, не агресивно, туку во име на луѓето: „Дали можеме ли да им веруваме на вашите тврдења“, „Можете ли да го документирате она што го кажувате?“ и така натаму.

Вашата порака за младите новинари?

Улрик Хагеруп: Имајте храброст да верувате дека во време кога новинарството го изгубило монополот на правичното информирање на целокупната јавност, никогаш немало поголема потреба од новинарство, но добро и пристојно новинарство, за доверлива и конструктивна работа. Дека е можно да се прави новинарство што се заснова на сите вредности што ги имаме: да бидеме четврта власт, која треба да бара отчетност од луѓето кои се на власт, но во исто време да ја игра улогата на најдобар пријател на луѓето кој што навистина сака да им помогне да донесат подобри одлуки во нивните животи.

Вие сакате да ги насочите, сакате да ги информирате, сакате да им помогнете да го „исчистат медиумскиот неред“ за да не ги преоптоварувате со информации. Вие сакате да им дадете точна слика за светот, а не само информации што ќе го привлечат нивното внимание. Ако работите на овој начин, повеќе од кога било ќе има потреба за тоа што го работите, ќе има потреба за младиот новинар кој вака размислува и вака работи. Ова е најдобриот начин да се биде новинар и верувам дека да се биде конструктивен е причината зошто сте почнале да се занимавате со новинарство, затоа што сакате да помогнете и не сакате цел живот само да пишувате написи за кликнувања.

Дали новинарите ќе бидат посреќни ако се конструктивни?

Улрик Хагеруп: Да! Убеден сум дека новинарството е навистина значајна професија и професија со голема вредност. Меѓутоа, ние сме ја претвориле во индустриска професија со еден индустриски работник кој седи пред екранот и пишува сензационални написи за кликнувања, и кој бара идиоти и екстремисти на интернет за да ги стави на насловните страни на нашите медиуми само за да го привлече вниманието на јавноста.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Промовирани новите полициски службеници, генерација 2023-2024

Денеска се одржа пригодна церемонија по повод свечената Промоција на нови полициски службеници - генерација 2023-2024 година, во Центарот за обука на МВР во Идризово, на која покрај раководството...