fbpx

Украина има законски регулирано сурогат-мајчинство, а не фарми за бебиња

Не е вистина дека во видеото се повикуваат жените од Украина да ги претворат своите матки во машини за правење бебиња. Од оригиналното видео се гледа дека е наменето за странските фамилии кои се загрижени за тоа како тече процесот за сурогат мајчинство во услови на војна

-

Не е вистина дека во видеото се повикуваат жените од Украина да ги претворат своите матки во машини за правење бебиња. Од оригиналното видео се гледа дека е наменето за странските фамилии кои се загрижени за тоа како тече процесот за сурогат мајчинство во услови на војна. Во постот сурогат мајките се претставени како експлоатирани, иако тие даваат писмена согласност за сурогат мајчинство за финансиски надомест, а целата постапка во Украина е добро законски регулирана. Исто така, во Украина нема 200 илјади деца жртви на трговија со органи, туку се проценува дека 200 илјади деца живеат во домови без родители. Тврдењето дека бубрег на црниот пазар е 30 илјади долари не е поткрепено со никаков извор, пишува Вистиномер.мк.

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

19.08.2023

MJTruth Тв САД.

Во Украина е пронајдена фарма за бебиња со жени трудници, 200 илјади деца вкупни жртви. Вклучена трговија со органи на деца. Бубрег 30 илјади долари.

Мајк: Се повеќе докази ќе излегуваат,

Oва е само почетокот. Финишот ќе биде страшен за гледање.

Да живее Трамп, Путин и сите патриоти.

Q

Видеоматеријалот кој е презентиран во склоп на објавата, во себе содржи манипулирање со факти и нивна погрешна односно фактички неточна презентација, а самиот опис на објавата цитиран погоре, е дефинитивно погрешен. Во Украина не е пронајдена никаква фарма за бебиња.

 

Нема „бункер за очајни жени“

Во видеото, исто така, невистинито се презентира (со почеток од 35 секунда на видеото) дека „очајните жени може да дојдат во бункер на оваа машина за правење бебиња“. Но, видеото е од клиниката Био Текс ком во Украина, којашто на најлегален начин овозможува медицински услуги за сурогат мајчинство, нешто што е законска можност во Украина и законски регулирано поле. Во видеоматеријалот, наспроти она кое се изнесува од страна на водителите (од 35 секунда во видеото од постот што го рецензираме), клиниката покажува како продолжува со функционирање и во услови на војна, односно откако Русија спроведе воена инвазија врз Украина. Видеото е направено со цел, луѓето кои очекуваат да добијат бебе откако ќе помине процесот на сурогат-мајчинство, да не се грижат односно да се уверат дека сурогат мајките и бебињата, се безбедни во бункер. Наспроти изнесеното во видеото од постот, овој бункер не е наменет за да доаѓаат во него „очајни жени“, туку за работата на болницата односно клиниката да продолжи да биде во функција и во услови на војна. Само тие жени кои веќе биле во процедура за сурогат мајчинство, кои веќе се бремени и дотогаш биле во болницата, односно имаат документи, потпишале информирана согласност, кои на своја волја решиле да бидат сурогат мајки, само тие се во бункерот. Ама, наспроти тоа на 30 секунда во видеото од постот водителот вели:

Еве видео од Био Текс фирмата која објаснува како очајни Украинки може да дојдат во нивниот бункер и да ги претворат своите матки во машини за правење бебиња.

Но, не е вистина дека во видеото се повикуваат жените од Украина да ги претворат своите матки во машини за правење бебиња. Видеото во својот оригинал е објавено на следниот линк и во него се објаснува дека им е упатено на странските фамилии кои се загрижени за тоа како тече процесот во услови на војна, а тие не се во Украина и се прашуваат дали бебето што ќе го добијат е добро и згрижено.

Клиниката, како што се гледа од воведното обраќање во видеото (на 32 секунда)
е подготвена да ги заштити клиентите, сурогат мајките и новороденчињата дури и во услови на агресија. Во видеото се покажува превентивно направен бункер каде работата на клиниката со медицински потпомогнато мајчинство може да продолжи и во случај на воени дејствија во Киев.

 

Законска процедура за сурогат мајчинство

На официјалниот сајт на клиниката Био Текс, има формулар каде жените доброволно може да проверат дали ги исполнуваат условите за да станат сурогат мајки. Тоа не е нешто на кое некој ги принудува, туку освен фактот што мора да е доброволен избор, исто така мора да исполнат и други услови. Така што, не станува збор за никаква илегална активност, за некаква трговија со деца, со оглед на тоа што децата им се даваат на фамилии кои се во брак, од друга држава кои имаат добри услови за живот, ама немаат можност да имаат потомство.

Бебињата од сурогат мајки, наспроти изнесеното во текстуалниот дел од постот, дека станува збор за „200 илјади деца жртви“, не се никакви жртви, ниту, пак, се тргувани, туку во строго контролирана процедура им се давани на фамилиите односно клиентите на клиниката. Точно е дека од некои искуства на сурогат мајките, тие кажуваат дека во процесот да се биде сурогат мајка се вклучени и емоции. Но, кажуваат и дека никој не ги принудува да бидат сурогат мајки, туку дека тоа го прават за да можат да обезбедат добро факултетско образование за своите биолошки деца или за други цели во склоп на своите аспирации. Во Украина е комплетно легално комерцијалното сурогат мајчинство и легално е од 2002 година. За да се биде сурогат мајка во Украина, жената мора да биде омажена и да приложи венчаница. Украина е пријателски настроена кон сурогат мајчинството, а во постот тоа се прикажува како трговија со деца, што е невистина.

Во Украина родителите што имаат намера да имаат дете со сурогат мајка, се сметаат за биолошки родители од моментот на зачнувањето и именувани се како биолошки родители на изводот на родените на бебето уште од самото раѓање и без да се споменува сурогат мајката. Сурогат мајката не може законски да го задржи бебето после раѓањето. Сурогат мајката склучува договор со родителите на бебето. Со украинските закони нема лимит за тоа колку пари може да ѝ се исплатат на сурогат мајката, а родителите не мора да го посвојуваат бебето, туку тоа се смета за нивно од моментот на зачнувањето. Договори мора да бидат склучени меѓу страните, како и договор со медицинската установа одговорна за инсеминација, сурогат мајката итн. Сите закони кои се обемни и укажуваат на исклучително регулирана област може да ги погледнете на следниот линк.

Наспроти тоа, во видеото и во постот се манипулира дека во подземен бункер се прави фабрика за деца и дека „очејни жени се експлоатирани“ (3 минута и 7 секунда од видеото во постот кој го рецензираме), а реалноста е дека медицинска установа обезбедува заштита на целата процедура за сурогат мајчинство во текот на воената инвазија на Русија врз Украина. Жените не се експлоатирани, туку со информирана согласност сакаат да бидат сурогат мајки, најчесто мотивирани од финансиски причини.

На 3 минута и 19 секунда од видеото  во постот се цитира дека „сурогат мајките мора да се од посиромашни земји отколку клиентите“ и се цитира директор на една таква медицинска установа. Но, кога ќе се погледне неговата изјава во оригинал овде на следниот линк, се гледа дека тој објаснува дека  жените во Европа кои имаат подобар живот и се добро економски ситуирани, не сакаат да бидат сурогат мајки.

Целосната изјава на директорот на медицинската установа е:

Бараме жени во поранешните советски републики зашто логично, тие мора да се од посиромашни земји отколку нашите клиенти. Не сум запознал ниедна жена во добра економска ситуација која решила да оди низ овој процес поради доброто дело, затоа што мисли дека има доволно деца или за да му помогне на друго семејство. Го прават ова зашто им требаат пари за да купат куќа, за факултетското образование на нивните деца. Ако имате добар живот во Европа, нема да го направите тоа. Печеноха вели дека не разбира зошто бизнисот е забранет низ земји од светот затоа што, како што вели:

„никој не ги принудува овие жени да бидат сурогат мајки, тие се одлучуваат на таков чекор слободно и со информирана согласност. Прифатливи се само двојки од маж и жена, во брак, кои може да докажат дека немаат деца“.

 

Нема фарми за бебиња

Од начинот на кој е пренесено видеото во описот, се добива впечаток дека од некаква фарма со трудници од Украина имало 200 илјади деца вкупни жртви. Меѓутоа, кога ќе се погледне оригиналното видео, се добива сосема поинаква слика. Во него се вели дека се проценува дека во Украина до 200 илјади деца живеат во домови за деца без родители. Тоа не е исто како кажаното во постот, дека имало 200 илјади деца жртви во Украина на некакви фарми со бебиња. Во самиот пост имаме замена на тези, мешање на поими и проблематики, па е добиено апсолутно погрешно сиже – опис на видеото.

Во Украина нема трговија со органи во медицинските установи за медицински потпомогнато оплодување и сурогат мајчинство, тоа во Украина е строго законски регулирана област. Жените не се принудени да бидат сурогат мајки, туку тоа го прават од свои, најчесто економски причини и законски е уредено бебињата да припаѓаат на родителите од самото зачнување на сурогат мајката!

Во видеото се цитира текст на Хафингтон пост од 2015 година. Во текстот се вели дека се проценува дека меѓу 82 илјади до 200 илјади деца живеат во домови за деца без родители во Украина. Тоа е како што може да се види од текстот, проценка на неименувани активисти, а не утврдена бројка со факти.

Дополнително, во постот се кажува дека е пронајдена фарма со бебиња“, за да се алудира дека нешто било скриено, а всушност видеото е објавено од самата медицинска компанија што го има направено бункерот за да го заштити својот бизнис и жените и бебињата внатре.

Потоа се додава дека „САД во својот извештај од Стејт департментот од 2014 година посочил оти децата во сиропиталишта и кризни центри продолжуваат да бидат ранливи за трговија во Украина“.

Вистиномер го пронајде извештајот од 2014 година односно делот за Украина во кој се кажува дека во 2014 година владата на Украина не ги исполнувала минимум стандардите за елиминација на трговијата со луѓе, но дека прави значајни напори да го искорени проблемот. За време на Виктор Јанукович, владата усвоила стандарди за социјална грижа за жртви, формирала посебна единица против трговија и значајно го зголемила бројот на службеници во единицата за анти трговија. Има критики што во 2014 година имало трипати помалку идентификувани жртви на трговија со луѓе споредено со 2011 година. Ова се однесува на возрасни и на деца, а не како што се кажува во постот само за деца. Исто така, проверувачите на факти на Ју Ес Еј Тудеј, го имаат забележано рускиот наратив дека Путин ја нападна Украина за „да ги спасува децата жртви на трговија“.

Во текстот на Ју Ес Еј Тудеј пишува дека Украина не е главен центар за трговија со деца. Во 2023 година Стејт Департментот во својот извештај ја има класифицирано како земја што не ги исполнува критериумите за елиминација на трговијата со луѓе, но прави значајни напори за да го направи тоа.

Стејт департментот напиша дека „руската влада спроведува воена агресија против Украина и тоа создава услови милиони бегалци кои ја напуштија Украина и за надворешно раселените и на оние на кои им треба хуманитарна помош и заштита во Украина, да бидат значително ранливи на трговија со лујѓе“. Во 9 минута од видеото во постот , без да се наведе извор се кажува дека еден бубрег е 30 илјади долари на црниот пазар. Но тоа  не е поврзано со бебињата од медицинските установи за сурогат мајчинство.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека во постот што го рецензираме се пропушта контекстот, се мешаат „баби и жаби“ и се прави обид легален бизнис да се претстави како бизнис за трговија со луѓе и органи. Сурогат мајките се претставени како експлоатирани, иако тие даваат писмена согласност за сурогат мајчинство за финансиски надомест и целата постапка во Украина е добро законски регулирано. Исто така, во Украина нема 200 илјади деца жртви на трговија со органи, туку се проценува дека 200 илјади деца живеат во домови без родители. Информацијата дека бубрег на црниот пазар е 30 илјади долари не е поткрепена со извор, ниту пак, е поврзана со Украина. Путин и неговата војна во Украина не помагаат состојбата со трговија со луѓе да се подобри, туку напротив според извештај на Стејт департментот од 2023 година,  лицата кои бегаат од војната се доведуваат во опасност од трговија.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Хамас не го прифаќа понудениот договор за примирје, преговорите продолжуваат

Висок функционер на Хамас во текот на ноќта изјавил за новинската агенција Франс прес (АФП) дека одговорот на групата на предложениот договор за примирје со Израел, а постигнат со...