Украина ги осудува „измамничките“ избори во регионите окупирани од Русија

Од многумина кои учествуваат во предвремените избори било барано да го дадат својот глас во присуство на вооружени руски војници, пишува Би-би-си

-

Од луѓето кои живеат во областите окупирани од Русија во Украина се бара да гласаат на, како што велат властите, локални избори. Украинскиот министер за надворешни работи ги нарече гласачките места „измама“, велејќи дека гласовите нема да имаат правна основа, пишува Би-би-си.

Сите кандидати се или Руси или пак проруски настроени, односно станува збор за гувернери избрани од Москва.

„Руските незаконски „избори“ одржани во привремено окупираните области на Украина нема да имаат никакви правни последици и нема да го променат статусот на украинските територии заземени од руските војници“, соопшти украинското Министерство за надворешни работи, а пренесе Укринформ.

Од многумина кои учествуваат во предвремените избори било барано да го дадат својот глас во присуство на вооружени руски војници. Украинските власти изјавија дека сите украински граѓани вклучени во организирањето на изборите можат да очекуваат да бидат казнети во иднина, пишува Би-би-си.

Советот на Европа го осуди потегот на „нелегално анектираните украински територии“ како „флагрантно кршење на меѓународното право, кое Русија продолжува да го игнорира“.

„Не само што овие области се составен дел на Украина, туку и одлуката да се одржат избори таму „создава илузија за постоење на демократија“, се вели во соопштението на Советот.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен, исто така, излезе со осуда.

„Лажните избори во Русија во окупираните области на Украина се нелегитимни“, рече тој.

Ова предизвика одговор од руската амбасада во САД, која го обвини Вашингтон за мешање во внатрешните работи на Москва.

Изборите завршуваат утре, а се одржуваат во четири региони кои Русија не ги контролира целосно – Доњецк и Луганск на исток и јужните региони Запорожје и Керсон.

Руските власти уапсиле 100 лица во рации поврзани со перење пари од сајбер криминал

Руските власти објавија апсење на речиси 100 лица поврзани со платежниот систем „UAPS“ и системот за размена на криптовалути „Криптекс“ во истрагата за перење пари поврзани со сајбер криминал. Главниот...