fbpx

Украина бара од Северна Македонија да се приклучи кон економските санкции на ЕУ кон Русија

-

Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Наталија Задорожњук на панел-дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Руско-украинската криза и Северна Македонија“, која се одржа на 9 февруари, изјави дека Украина очекува јасна и недвосмислена политичка поддршка од пријателска Северна Македонија во однос на конфликтот меѓу Русија и Украина, но и нашата земја да се приклучи на економските санкции кон Русија што беа воведени од Европската Унија (ЕУ) во 2014 година, по нелегалната руска анексија на полуостровот Крим.

Амбасадорката на Украина во Скопје, Наталија Задорожњук; Фото: Амбасада на Украина во Скопје

„Очекуваме приклучување кон санкциите на Европската Унија. Не може да се седи на две столчиња. Има моменти во животот кога треба сам да се одлучиш, пред сè, на која страна од барикадата си. Украинците имаат многу убедливо негативно искуство со неутралноста. Ако одиме во Европската Унија и НАТО, ако сме дел од европските вредности, тогаш тоа го демонстрираме не само со зборови, туку и со нашите постапки и дела“, рече украинската амбасадорка Задорожњук.

Политичка поддршка од земјава кон Украина има

Во однос на политичката поддршка, македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на 31 јануари годинава на средбата со рускиот амбасадор во Скопје, Сергеј Баздникин го повтори ставот дека Северна Македонија ги почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници.

Политичката поддршка за украинскиот суверенитет и територијалниот интегритет неколку дена подоцна пристигна и од премиерот Димитар Ковачевски, кој на 3 февруари годинава се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг | Извор на фотографија: Влада на РСМ

„Го поддржуваме предлогот на НАТО за тематски состаноци со Русија во врска со состојбата на односите, на европската безбедност со фокус на Украина, транспарентноста, намалување на ризикот и контрола на оружјето. Целосно го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признаените граници“, изјави премиерот Ковачевски.

Економски санкции од земјава кон Русија нема

Сепак, земјава со години наназад се нема приклучено на санкциите коишто ги воведе Европската Унија по руската нелегална анексија на полуостровот Крим, којшто се наоѓа на украинска територија. Македонија во 2014 година не се приклучила кон санкциите на ЕУ по анексијата на Крим и оттогаш немаме донесено нова одлука, а кон крајот на 2020 година на оваа тема пишуваше Радио Слободна Европа на македонски јазик.

Поранешниот премиер Зоран Заев во изјава дадена на 30 декември 2020 година објасни дека Северна Македонија не се приклучила кон санкциите на ЕУ кон Русија, затоа што земјава има сериозен интерес за економска соработка со Русија.

Поранешниот македонски премиер, Зоран Заев | Фото: Влада на РСМ

„Ние сме земја кандидат за членство во ЕУ, но не сме членка. Интерес е на граѓаните и државата, ако нешто не мораме, да не го правиме. И затоа покрај сето она што го наведов, ние се немаме приклучено кон економските мерки кон Русија, затоа што имаме сериозен интерес за економска соработка со Русија. Ние сме земја членка на НАТО и за нас нема алтернатива за ЕУ, но нашата земја има интерес да биде пријател со остатокот од светот“, изјави тогаш премиерот Заев.

Тој дополни дека земјава од 2016 година се има придружено кон сите изјави, декларации, мерки и санкции усвоени од страна на ЕУ, вклучително и оние против руски државјани и правни лица. Стапката на приклучување на Република Северна Македонија кон ставовите, мерките и декларациите на ЕУ, односно усогласеноста со нив кон крајот на 2020 година била 94 проценти, а до 2016 година била 74 проценти.

Извозот кон Русија намален, увозот расте

Од друга страна, според последните податоци на Државниот завод за статистика за стоковната размена со странство во периодот од јануари до декември 2021 година, Руската Федерација се наоѓа на 20-тата позиција меѓу земјите со кои Северна Македонија имала најголем обем на размена на стоки. Вкупниот обем на размена лани изнесувал 233.507.000 американски долари и е зголемен за 12,4 отсто во споредба со 2020 година.

Притоа, извозот на Северна Македонија кон Руската Федерација лани изнесувал 57.140.000 американски долари и тој е намален за 5,4 отсто во однос на 2020 година, додека од Русија во 2021 година сме увезле стоки во вредност од 176.367.000 долари и ова претставува зголемување од 19,7 отсто во споредба со јануари-декември 2020 година.

Санкциите на ЕУ во сила речиси 8 години

Инаку, Европската Унија, заедно со САД, веднаш по нелегалната руска анексија на полуостровот Крим воведоа санкции кон Русија во 2014 година. Според последното соопштение на Европскиот Совет од 13 јануари 2022 година, ЕУ ги продолжи економските санкции кон Русија до 31 јули 2022 година. При досегашните продолжувања, ЕУ често додава и нови мерки кон Русија.

Знамето на РУ | Фото: Christian Lue on Unsplash

Санкциите на ЕУ кон Русија вклучуваат ограничување на пристапот до примарните и секундарните пазари на капитал на ЕУ за одредени руски банки и компании, како и забрана на форми за финансиска помош и посредување кон руски финансиски институции. Санкциите забрануваат и директен или индиректен извоз, увоз или пренос на материјали поврзани со одбраната, но и ограничување на рускиот пристап до одредени чувствителни технологии кои можат да се користат во рускиот енергетски сектор, на пример, во производството и истражувањето на нафта, како и серија на други економски санкции на ЕУ кон Русија.

Воедно, преземените мерки од ЕУ кон Русија во однос на територијалниот интегритет на Украина во моментов се воведени кон 185 лица и 48 субјекти. Во однос на лицата, тие подлежат на замрзнување на имотот, вклучувајќи и забрана за располагање на средства, како и забрана за патување, што ги спречува лицата да влезат или да транзитираат преку земји-членки на ЕУ, се наведува на веб-страницата на Европскиот Совет.

Покрај примената од земјите-членки на ЕУ, воведените санкции на ЕУ кон Русија поради анексијата на Крим ги поддржаа и Црна Гора и Албанија како кандидатки за членство во ЕУ, но не и Северна Македонија и Србија. Според соопштението на Европскиот Совет од 27 јули 2021 година, санкциите кои беа продолжени до летото 2022 година ги поддржале Црна Гора и Албанија, заедно со Грузија и Норвешка. Инаку, земјите-кандидати за членство на ЕУ немаат обврска да ја применуваат во потполност европската регулатива пред да постанат и официјално членки на Унијата.

С. Македонија нема политички интереси слични на Србија

Министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ | Фото: Влада на Република Србија, srbija.gov.rs

Сепак, во случајот со Србија, актуелното раководство во Белград преку претседателот на српскиот парламент Ивица Дачиќ во јуни 2021 година рече дека Србија никогаш нема да воведе санкции против „својот пријател Русија“, а ЕУОбсервер го пренесува неговиот став и ставот на српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ дека Русија ја дава најголемата поддршка на Србија во зачувувањето на територијалниот интегритет и суверенитет во однос на Косово. Сепак, за разлика од Србија која што бара помоќен сојузник од неа во решавањето на долгогодишниот спор со Косово, Северна Македонија во моментов нема ваков политички интерес од Русија.

За разлика од Северна Македонија, руското влијание во енергетскиот сектор во Србија е многу поприсутно. Нафтената индустрија Србија (НИС), еден од најголемите српски извозници, е во доминантна сопственост на руската компанија „Газпром њефт“ (Газпром нефть) откако 51 отсто од акциите беа продадени во 2008 година. Радио Слободна Европа на српски јазик пишува дека осма година по ред НИС не може да зема кредити од западните банки, но проблем е и набавката на опрема од производителите од ЕУ и САД. Причина за ова не се само воведените економски санкции на ЕУ кон Русија, туку и фактот што руската државна компанија „Газпром њефт“, која е сопственик на НИС, е вметната на црната листа на субјекти од ЕУ и САД по нелегалната анексија на Крим од страна на Русија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Не е точно дека француски трупи пристигнале во украинскиот град Славјанск

Станува збор за некритички пренесена вест од опскурен Телеграм канал „Воена хроника“, непознат во пошироката јавност, а неговата релевантност и кредибилност се под голем знак прашалник. Оваа вест не ја...