Ученикот Максим Јосевски најдобар говорник на дебатно првенство за почетници

Второ место беше Богдан Бањуков, а третото место ѝ припадна на Софија Антова. Во конкуренција на тимови победија учениците Борјан Стојковски, Леона Ширкова и Ивона Јуркова

Фото: Младински образовен форум

Ученикот Максим Јовески беше прогласен за најдобар говорник на Националното дебатно првенство за почетници во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ). Второто место го освои Богдан Бањуков, а третото место ѝ припадна на Софија Антова.

Во конкуренција на тимови, победија учениците Борјан Стојковски, Леона Ширкова и Ивона Јуркова. Второто место го освои тимот составен од Јована Јаневска и Ана Антовска.

Турнирот се одржа во скопската гимназија „Орце Николов“ oд 15 до 17 декември во рамките на проектот „Ангажирање на младите за подобрување на наративот за лицата под мандатот на УНХЦР”. Учествуваа повеќе од 50 тимови.

„Преку овој настан беше истакната важноста на критичкото размислување, ефективната комуникација и граѓанскиот дискурс во нашето општество. Ова овозможи младите умови да се вклучат во конструктивен дијалог и да учат едни од други, што на крајот ќе придонесе за растот и развојот на нашето општество“, наведено е во соопштението од МОФ.

Национално дебатно првенство за почетници се спроведува во рамки на проектот „Ангажирање на младите за подобрување на наративот за лицата под мандатот на УНХЦР” кој Младински образовен форум го спроведува во партнерство со Канцеларијата на Висок комесаријат на ООН за бегалци (УНЦХР).