fbpx

Убијците на Тамара не се „непознати сторители“, порачаа граѓаните

-

„Убијци“, „Правда за Тамара“, „Оставка“ скандираа граѓаните што денеска пред зградата на Јавното обвинителство излегоа да искажат револт зашто и по една година Обвинителството сè уште не ги нашло виновниците за смртта на малата Тамара Димовска од Велес.

Присутните побараа за смртта на девојчето да одговара и министерот за здравство, Никола Тодоров.

– Помина една година откако почина Тамара Димовска, а Јавното обвинителство сè уште се нема изјаснето по кривичните пријави против одговорните за нејзината смрт. Одговорот дека се води истрага не е доволен, особено во случај како овој, во кој сите осомничени им се познати на органите на прогонот. Јавниот обвинител уште еднаш покажа дека правдата што ја спроведува не е еднаква за сите граѓани – рече активистот и новинар Огнен Јаневски.

Мајката на Тамара, Жаклина Димовска, во јавното обраќање пред Обвинителството, низ солзи порача дека Обвинителството не треба да се крие зад паролата „непознати сторители“, бидејќи сите точно знаат кој е одговорен за смртта на нејзината ќерка.

– Тодоров е највиновен за смртта на Тамара, толку ли ви е страв од него што една година ништо не смеете да му направите додека си седи сè уште во фотелја? – праша мајката на Тамара.

На протестот присуствуваше и Садула Салиу, со својата 11-годишна ќерка, која има иста дијагоноза како Тамара, но не добива помош од државата.

Саилиу и неговата ќерка Ханита двапати побарале помош од државата, но биле одбиени со образложение дека маната била вродена.

– Случајот на Ханита е ист како тој на Тамара. Таа има искривување на пршлените и ако оваа година не добие помош, количка не ѝ бега. Досега четирипати сме биле во Анкара и сè е на наш трошок. Повеќе немаме сили. Операцијата, колку што знам, чини 20.000 евра. Испративме барања до фондот, но двапати нè одбија – изјави Салиу.

Мајката на Тамара, Жаклина Димовска, рече дека ќе направи сè што е во нејзина моќ да му се помогне на ова девојче, да ја нема истата судбина како Тамара. Таа се надева дека Обвинителството ќе го расветли случајот со нејзината ќерка.

Основното јавно обвинителство вчера преку соопштение информираше дека по допрен глас за случајот на Тамара Димовска од Велес, оформило предмет, спровело низа дејства, при што како осомничени се јавуваат повеќе лица за несовесно работење во службата, од чл. 353-в од Кривичниот законик.

Тие се повикани да дадат изјави пред надлежниот јавен обвинител. Истрагата продолжува во насока на целосно расветлување на случајот, а по завршување на сослушувањето ќе биде донесена мериторна јавно-обвинителска одлука за која јавноста ќе биде навремено известена, велат од Јавното обвинителство.

Тамара Димовска почина пред една година, чекајќи Фондот и Министерството за здравство да се договорат каде ќе се лекува девојчето. Таа боледуваше од сколиоза, но како непосредна причина за смртта од Судска медицина ја наведоа бронхопневмонијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...