Фото: Фејсбук профил ГРК Охрид

По 18 години затворска казна добија Анџело Ѓоргиевски и Клементина Левковска, а 16 години затворска казна доби Андреј Костовски, за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот. Основниот кривичен суд во Скопје ги прогласи тројцата обвинети за виновни за убиството на ракометарот Тот кое се случи на 7 април годинава пред ноќниот клуб „Привилиџ“ во Градскиот парк во Скопје.

Пресудата ја изрече судечки совет на чело со судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ, но таа не е правосилна и странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд.

Судијката кажа дека Анџело и Клементина имале поголем придонес во извршувањето на делото. Анџело прв ги задал удрите кон Тот, а Клементина, која најмногу го удира, судијката ја опиша како „крајно упорна во ударите“.

Судот определи и надомест на штета за семејството на убиениот ракометар, и тоа по 9 милиони денари (околу 145.000 евра) за мајката и таткото, како и 8 милиони денари (околу 130.000 евра) за братот на Денис Тот. Солидарната надомест треба да се исплати во рок од шест месеци откако пресудата ќе стане правосилна.

Судијката наведе дека одбраната негирала дека во овој случај станува збор за убиство со умисла, но таа рече дека обвинетите биле свесни за последиците, за што како пример и отежнувачка околност наведе дека Анџело и Андреј сокриле и од Брзата помош дека му задале удари на Тот.

Како најверодостојни докази ги спомена снимките од безбедносните камери од ноќниот клуб и од системот „Сејф сити“ на кои посочи дека јасно се гледаат дејствијата на обвинетите.

По изрекувањето на пресудата, Обвинителството побара, а Судот им го продолжи притворот на обвинетите до правосилност на пресудата.

Судскиот процес за убиството на Тот започна на 5 семтември годинава. Претходно, Основното јавно обвинителство поднесе обвинение за убиството на ракометарот и барање за продолжување на притвор за тројцата осомничени.