Почнува Европскиот филмски предизвик, кој го носи победникот на Берлинскиот филмски фестивал

Фото: Центар за социјални иновации „Блинк 42 – 21“

Трета година по ред во земјава се организира Европскиот филмски предизвик (European Film Challenge) кој трае од 21 ноември до 29 јануари, и во кој најпосветениот гледач на европски филмови ќе биде награден со патување на реномираниот филмски фестивал во Берлин.

Предизвикот е во тек на 10 недели да се погледнат 10 европски кинематографски остварувања на фестивали, во кино сали, телевизија или на легални онлајн платформи, за што се добиваат различен број на поени. Годинашниот предизвик е и своевидна поддршка на многуте македонските филмови кои од оваа есен се на репертоарите во кината, па затоа во предизвикот сите тие ќе се вреднуваат со дополнителни 10 поени, што на филмофилите им носи поголеми шанси за победа во предизвикот.

Првиот чекор за да се учествува на натпреварот е секој заинтересиран да се регистрира на официјалната веб-страница, а треба да има најмалку 18 години. Понатаму учесникот треба да изгледа 10 филмови кои ќе ги внесе на својот профил и за секој филм да го „прикачи“ насловот заедно со фотографија што докажува дека го гледал филмот и да го наведе местото или платформата на која го гледал.

Проектот во земјава го имплементира Центарот за социјални иновации „Блинк 42 – 21“ заедно со европски партнери во 13 држави преку поддршка на програмата на МЕДИА – Креативна Европа и Европската филмска индустрија.

Сите детали околу бодувањето и правилата може да се прочитаат на следниот линк.