Твитер се согласи да се придржува до строгите закони на ЕУ за дезинформации и руска пропаганда

ЕУ претходно го предупреди Маск дека може да се соочи со целосна забрана на Твитер во Европа или казни до 6 отсто од нејзиниот глобален приход, доколку не ги почитува правилата

фото: Brett Jordan на Unsplash

Откако претставници на Европската комисија влегоа во седиштето на Твитер за да ги проверат капацитетите на компанијата дали може да функционира во Европа, социјалната мрежа со согласи да се придржува до новите строги закони на ЕУ за лажни вести, руска пропаганда и онлајн криминал.

Ваквиот чекор доаѓа само неколку недели откако Илон Маск, милијардерот-сопственик на Твитер, се откажа од доброволниот кодекс за дезинформации на блокот, пишува „Гардијан“.

На функционерите на ЕУ им било дозволено да влезат во седиштето на компанијата за да извршат лажна вежба со персоналот на Твитер за да ја тестираат нивната контрола врз руската пропаганда, лажните вести и криминалните активности, вклучително и сексуалната експлоатација на деца.

Еврокомесарот Тиери Бретон, кој е одговорен за спроведување на новиот европски Закон за дигитални услуги, го поздрави фактот што компанијата доброволно се согласила на тестот. Тој го повтори предупредувањето до сите социјални мрежи дека ЕУ ќе дејствува брзо и остро кога се во прашање новите закони кои ќе стапат на сила во август.

Претходно, ЕУ го предупреди Маск дека може да се соочи со целосна забрана на Твитер во Европа или казни до 6 отсто од нејзиниот глобален приход доколку не ги почитува правилата.

Четириесет и четири компании, меѓу кои и Гугл, Фејсбук и ТикТок, учествуваат во доброволниот кодекс на ЕУ кој блокот го воведе како средство за помагање на социјалните мрежи да се подготват за новите закони.

Бретон, кој е во дводневна посета на Силиконската долина, рече дека Твитер има долг пат за да се подготви.

„Борбата против дезинформациите, вклучително и проруската пропаганда, исто така ќе биде фокусна област, особено бидејќи влегуваме во период на избори во Европа“, вели еврокомесарот Бретон.