Твитер ги стави на аукција статуетката со птицата од логото и дел од канцеларискиот мебел

фото: Alexander Shatov на Unsplash

Твитер стави стотици предмети од своето седиште во Сан Франциско, САД на онлајн аукција. За статуетката со познатото лого со птицата во моментов се понудени 11.000 американски долари, а остануваат уште неколку часа за наддавање, јави Би-би-си.

Жардиниерата висока 190 сантиметри во форма на симболот „@“ веќе чини над 4.300 долари.

Продажбата на предметите доаѓа откако по големите кратења на трошоците што новиот сопственик Илон Маск ги направи во компанијата откако го купи Твитер за 44 милијарди долари минатата година.

Откако ја презеде функцијата прв човек на Твитер, Маск отпушти околу половина од вработените, чиј број тогаш изнесуваше 7.500 лица.

Како што јавува Би-би-си, Маск стави крај на многу привилегии во Твитер, меѓу кои и бесплатните оброци за вработените.

Сега на продажба се и дел од кујнските апарати, како неколку висококвалитетни машини за кафе и фонтана за газирани пијалaци.

Твитер продава и опрема за печатење, па дури и комплети мали фиоки, за оки во моментов се понудени нешто над 60 долари.

Маск во ноември твитна дека компанијата забележала голем пад на приходите по заминувањето на неколку големи огласувачи. Тој, исто така, предупреди дека Твитер може да банкротира.

Подоцна се појави и информацијата дека компанијата, наводно, не плаќала кирија во канцелариите ширум светот, вклучително и во седиштето во Сан Франциско, каде што сопственикот на објектот поднел тужба поради неплаќањето.

Компанијата што ја спроведува аукцијата тврди дека продажбата на мебелот во Твитер нема никаква врска со враќањето на трошоците од купувањето на компанијата за 44 милијарди долари.