Илон Маск не ја исклучува можноста Твитер да банкротира

Photo by Joshua Hoehne on Unsplash

Федералната трговска комисија на САД вели дека ги следи настаните во Твитер со „длабока загриженост“, откако највисоките службеници за приватност и усогласеност на платформата дале отказ.

„Гардијан“ пишува дека заминувањата на директорите се случија истиот ден кога Илон Маск, новиот сопственик на Твитер, во своето прво обраќање до вработените рече дека не е исклучена можноста од банкрот.

Компанијата за социјални мрежи е во неред откако Маск почна да отпушта илјадници вработени минатата недела. Најавената можност корисниците да купуваат потврден статус, односно верификација на своите профили, предизвика загриженост дека Твитер може да биде преплавен од лажни кориснички сметки.

Во електронска пошта до вработените, Маск ги опишал тешките економски околности во кои се наоѓа компанијата и колку била важна претплатата за иднината на Твитер.

„Без значителни приходи од претплата, постои добра шанса Твитер да не го преживее претстојниот економски пад. Ни треба приближно половина од приходите да бидат преку претплата“, напишал Маск.

Според Би-би-си, оставки поднеле главните службеници за приватност, Демиен Киран, за безбедност, Леа Киснер и за усогласеност, Маријана Фогарти.

Нивните оставки може да го зголемат ризикот Твитер да ги прекрши регулаторните наредби. Компанијата беше казнета со 150 милиони долари во мај за продажба на податоците на корисниците и мораше да се согласи со нови правила за приватност.

Директорот за јавни набавки во Федералната трговска комисија, Даглас Фарар, истакнувајќи ја загриженоста за случувањата во Твитер, рече дека ниту еден извршен директор или компанија „не е над законот“ и дека мора да ги следат донесените правилници.

Истовремено, дел од големите огласувачи го паузирале рекламирањето на Твитер под изговор дека ги разгледуваат промените што ги внесува Маск. Меѓу таквите компании се автомобилските фирми „Џенерал Моторс“, „Фолксваген“ и „Ауди“, компанијата „Фајзер“ и производителот на храна „Џенерал Милс“.