Во текот на изминатите две недели, Илон Маск направил промени во правниот оддел на Твитер, го распуштил советот што ја советуваше компанијата за безебедносни прашања и продолжил со преземањето драстични чекори за намалување на трошоците, јави Њујорк Тајмс.
За да ги намали трошоците, Твитер со недели не плаќала кирија за седиштето во Сан Франциско ниту пак за која било од глобалните канцеларии на компанијата. Поради ова, Твитер добил поплаки од фирми за инвестиции и управување со недвижнини, меѓу кои и од компанијата-сопственик на зградите во Сан Франциско.
Според извори од Твитер, компанијата одбила да плати сметка од над 197.000 американски долари за приватни чартер летови направени во периодот на преземањето на платформата од страна на Маск.
Распуштен е и советот за доверба и безбедност на Твитер, кој бил формиран во 2016 година за да ја води компанијата низ предизвикувачките безбедносни проблеми и прашањата за модерирање на содржините.
Милијардерот им се заканил на вработените со тужби доколку разговараат со медиумите и постапат на „начин спротивен на интересита на компанијата“.
Владеењето на Маск се карактеризира до хаос, низа оставки и отпуштања, како и правила на социјалната мрежа кои ги избркаа огласувачите што се рекламираа таму. Во октомври Илон Маск ги отпушти главниот правен директор на Твитер и главниот советник.
Поради отпуштањата на правниците, Маск побарал помош од адвокатите на другите негови компании, меѓу кои и „СпејсЕкс“, на кои сега им е даден прситап до внатрешните системи на Твитер.
Во моментов платформата се соочува со повеќе случаи во Федералната трговска комисија во САД. Во мај компанијата плати 150 милиони долари поради доведување во заблуда на корисниците околу заштитата на приватноста.