fbpx

Ципрас на итна средба кај Јункер

-

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска заминува на ненадејна средба во Брисел со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер. Средбата на која ќе се разговара за итната потреба од решение за Грција беше договорена доцна синоќа во телефонски разговор меѓу Јункер и Ципрас. Претседателот на Комисијата побарал од Ципрас да допатува во Брисел за да се разгледа грчкиот предлог за реформи што завчера беше доставен до европските институции.

Според информациите во Грција, Јункер истакнал дека до решение нема да дојде преку размена на телеграми, туку само преку суштински преговори, поради што и увидел итна потреба за интензивирање на средбите и на разговорите со Ципрас. Оцените се дека Јункер успеал да постигне некаков компромис меѓу позициите на Грција и позициите на европските институции и гледа можност што треба да се искористи што поскоро, иако реакциите од европските институции се дека ЕУ и Грција се многу далеку од договор. Во грчките медиуми се шпекулира дека постои можност во Брисел Ципрас да има и видеоразговор со германската канцеларка Ангела Меркел и со францускиот претседател Франсоа Оланд.

Повикувајќи се на европски извори, весникот „Катимерини“ пренесува дека институциите, односно Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, се договориле за условите за договорот и за реформите за Грција и се очекува денеска да го достават предлог-договорот до грчката влада.

Весникот „Етнос“ јавува дека притисоците за решение продолжуваат и од ММФ. Еден од клучните економисти на фондот, Оливиер Блансар, по вчерашниот состанок на членовите на Фондот и состанокот со шефицата на ММФ, Кристинг Лагард, најавил дека многу бргу ќе има развој на настаните, оценувајќи дека на еден или на друг начин ќе постои решение за ситуацијата со Грција.

Среде оваа ситуација, СИРИЗА и понатаму ја тресат внатрешни несогласувања. Од левото крило на партијата, познато како ИСКРА, истакнуваат дека ќе прифатат договор со институциите само ако тој се придржува до црвените линии на СИРИЗА и до она што им е ветено на граѓаните и дека нема да дозволат, како што велат, прифаќање на нови антинародни мерки, распродажба на државниот имот и влошени работнички права. Еден ден претходно, вицепремиерот Јанис Драгасакис се закани со избори ако не се најде решение, а пратеникот на Независни Грци, Никос Николопулос, одреди и датум за изборите на крајот на јуни.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

И за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ, ЕУ е приоритет – колку остварлив, не се знае

Во своите изборни програми СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја нудат ЕУ како највисок надворешен приоритет на државата. СДСМ бара уставни промени веднаш и ветува започнување и завршување на преговорите до...