Три месеци по откривањето на првиот случај на Ковид-19 во земјава, по над 2.000 заболени и 116 починати граѓани, владата одлучи од утре (27.05.2020) да го укине секојдневниот полициски час. Полицискиот час беше воведен пред повеќе од два месеци, на 22 март годинава.

На денешната прес-конференција во Владата, министерот за здравство Венко Филипче рече дека по три месеци од првиот позитивен случај, Македонија е на раскрсница во однос на тоа што понатаму.

„Многу граѓани беа жртва и во ризик од оние кои не ги почитуваа мерките. Ние се справуваме со вирусот, но борбата трае. Тој нема да замине, ќе биде тука. Ќе мора да научиме да живееме со вирусот, но мора да се заштитиме“, рече Филипче.

Тој најави дека се продолжува со мерките и тоа е клуот со кој животот се враќа во нормала.

„Имавме време да го зацврстиме и здравствениот систем. Целосно сме подготвени да се носиме со ситуацијата. Епидемијата е под контрола. Имаме и добри страни од претходните карантински мерки“, истакна Филипче.

Покрај забраната за движење, владата укинува и повеќе други рестриктивни мерки кои беа донесени како превентива од ширење на болеста. Според техничкиот премиер Оливер Спасовски, овие одлуки се носат бидејќи состојбата со епидемијата е под контрола, а бројот на активни случаи е стабилен.

„Од 28 мај почнуваат со работа угостителските објекти со прецизно утврден протокол во отворените делови, односно терасите на овие објекти, а затворените делови и објектите кои немаат тераси, ќе се регулира во наредната фаза“, изјави предмалку на прес-конференција премиерот Оливер Спасовски.

Тој истакна дека Владата донела неколку одлуки со оглед на фактот дека, како што рече, македонското здравство реагираше соодветно и добро се справи со пандемијата. Ако не се почитуваат мерките и ако расте бројот на новозаразени, повторно ќе се воведат рестриктивни мерки, најави Спасовски.

„Од 1 јуни нема да важат заклучоците со кои различни категории се ослободени по различни основи од редовно извршување на работните обврски. И на работните места ќе има соодветни протоколи за просторните услови, на работните простории, за носењето на лична заштитна опрема. Ова нема да важи за хронично болните лица“, рече Спасовски.

Тој додаде дека отстапка од оваа одлука ќе има и за родителите со деца на возраст до 10 години, за кои ќе се чека одлуката за работа на градинките. Ќе има и протокол за постапување при влез во државата на сите лица – задолжителниот државен карантин, за лицата кои се враќаат од странство со хуманитарни летови или конвои, се заменува со домашна изолација.

„Ако лицата влегуваат со негативен пи-си-ар тест за корона вирус направен во последните 72 часа пред да влезат во државата, тогаш ќе се уптатат на домашна изолација“, рече Спасовски.

Техничкиот премиер истакна дека сите одлуки на Владата се носат врз основа на стручни и научни засновани анализи.

„За овие одлуки има две суштински причини – состојбата со епидемијата е под контрола, бројот на активни случаи е стабилен. Зголемениот број на новодијагностицирани е резултат на непочитување на рестриктивните мерки. Во наредниот период ќе има нагласена примена за заштита на овие жаришта. Здравството има капацитет да се справи со ова. Тоа ни дава за право да ги донесмее овие одлуки“, додаде Спасовски.

Тој апелира граѓаните да се придржуваат мерките и да носат заштита и да бидеме свесни дека сè уште може да се заразиме. Во однос на изборите, Спасовски истакна дека на македонската демократија и развој ѝ требаат стабилни институции и враќање во нормален колосек.

„На граѓаните им треба функционално Собрание. Во оној момент кога ќе заврши вонредната состојба за 22 дена треба да се одржат избори и тоа е фактичка состојба. Треба да се реализираат изборите во првиот можен рок. Мора да сме принципиелни, а изборите да се одржат во оној момент кога за тоа ќе има услови. Една од одговорностите на оваа Влада е да направи да им ја обезбедиме новата нормалност на сите граѓани“, кажа Спасовски.

Бујар Османи, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, кажа дека во целиот период имаше прекршување на мерките и критики за мерките кон Владата, но оваа закана, како што рече, е невидена претходно и ниту една држава можела да се подготви за овие мерки.

„Не беше лесно за нас и за граѓаните кои мораа да ги сменат своите навики. Денешните одлуки не се ад хок решение, туку се дел од подолгорочна стратегија како да се обезбеди безбедност на граѓаните“, рече Османи.

Д-р Жарко Караџоски од Институтот за јавно здравје истакна дека медицинските лица се херои и дека ја заслужуваат секоја почит.

„Се трудиме да бидеме тука за граѓаните. Комисијата за заразни болести, направи анализа на квартално ниво и констатиравме дека се почитуваат нашите препораки и мерки кои дадоа резултати. Ни помогнаа во препознавањето, изолирањето и лекувањето на пациентите. Имаме 113 смртни случаи, но во овој дел се подобруваме ако се споредиме со други држави во кои оваа бројка на дневно ниво е повисока. Ќе ги тестираме и таксистите, здравствените работници, АРМ, полицијата, да видиме каков е скринингот за да можат да работат“, рече Караџоски.