fbpx

Трагедија во Бугарија: Преживеаните во шок сведочат како се спасиле од пеколот

-

Само четворица мажи и три жени ја преживеаја страотната сообраќајна несреќа на автобусот на „Беса Транс“ во Бугарија, во која изгореа 46 лица меѓу кои 12 деца, вклучително и момчиња близнаци. Тие се сè уште во шок и сведочат како за да останат живи поминале низ вистински пекол.

Автобусот удрил во бариера и се запалил додека се враќал од Истанбул во Турција кон Северна Македонија. Една од преживеаните е Медина Љутфи (25) од кумановски Сопот. Неа ја спасил свршеникот Љуљзим Сулејмани кој е постар од неа само една година.

Медина од софиската Клиничка болница за ТВ Алсат-М раскажа дека Сулејмани бил единствениот кој бил буден во тоа време во автобусот. Тој го скршил задниот прозорец па така успеал да ја извлече неа и уште петмина патници.

Сулејмани вели дека откако избувнал пожарот во автобусот, успеал да го скрши страничното стакло на автобусот, со што ја испружил раката и ја повлекол со себе својата свршеница која не можела да оди, бидејќи ѝ била скршена ногата.

„Додека одеше автобусот, од десната страна удри во тротоарот, тркалата на автобусот пукнаа и почна да избувнува пожар и имаше многу чад. Потоа автобусот се движеше 20 метри лево и сам застана. Луѓето почнаа да повраќаат, да врескаат како во хорор филмови. Успеав да избегам бидејќи го зедов чеканот во автобусот и го скршив стаклото. Ја извадив свршеницата и уште пет лица“, изјави Сулејмани за ТВ Клан.

Медина вели дека не се сеќава што се случило од моментот кога смогнала сили да се извлече од седиштето и да излезе од автобусот, но додека со последните сили се обидувала да се спаси во автобусот се слушал плачот на децата.

„Не знам, спиев, и одеднаш ги слушнав сопатниците како плачат и викаат. Љуљзим го скрши стаклото, и не знам како излегов. Кога видов дека го имам отворено стаклото зад главата, и скокнав цврсто. Црн чад беше, како експлозија на бомба. Сите спиевме, беше околу два по полноќ. Слушнав детски плач, имаше многу деца“, раскажа таа за ТВ Алсат-М.

Орхан Алити исто така успеал да го преживее пеколот и да им помогне на останатите, но не успеал да го спаси својот син Висар. Додека момчето било во автобусот тој му викал „Скокни, Висар, скокни“. За жал, момчето исчезнало во пламенот, пренесе Би-Би-Си.

Британскиот јавен сервис објави и дека меѓу преживеаните е и 16-годишната Зулејха. Нејзиниот татко Аднан Јашаровски за Би-Би-Си изјави дека неговата ќерка се јавила да му каже дека ја преживеала несреќата. Сега тој е во Софија за да ја посети неговата ќерка во болницата.

„Таа плачеше. Нејзините раце беа изгорени, но инаку добро. Не кажа многу, плачеше и беше во шок“, рече тој пред болницата.

Неколку часа по несреќата, роднините на луѓето кои отпатуваа за Турција со Беса Транс минатата недела се собраа пред канцеларијата на фирмата во Скопје, а и отпатуваа во Бугарија.

Бугарскиот привремен премиер Стефан Јанев го опиша инцидентот како „огромна трагедија“. „Да се надеваме дека ќе извлечеме поуки од овој трагичен инцидент и ќе можеме да спречиме такви инциденти во иднина“, им рече тој на новинарите додека го посети местото на несреќата.

Шефот на истражната служба Борислав Сарафов рече дека „човечка грешка на возачот или техничка неисправност се двете првични верзии за несреќата“.
До сега се направени се две операции, а денеска ќе се направат уште две на патниците кои се згрижени во болницата „Пирогов“ во Софија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...