35-годишен маж од босанскиот град Градачац ја убил својата сопруга, а убиството го пренесувал во живо на Инстаграм. При бегството од полицијата убил уште две лица, за на крајот да се самоубие пред полицијата. Трагедијата која го потресе регионот се случила во Градачац, на североистокот од Босна и Херцеговина.
Од босанското обвинителство за сараевскиот весник Ослобоџење потврдија дека Нермин Сулејмановиќ (35) од Градачац се самоубил откога бил лоциран од полициските службеници.
Покрај тоа што ја убил сопругата, Сулејмановиќ при бегството убил уште две лица, татко и син, бидејќи му се испречиле на патот.
Министерството за внатрешни работи при кантонот Тузла претходно објави соопштение во кое посочи дека денеска во Градачац било употребено огнено оружје од машко лице, при што, според првичните информации, неколку лица се повредени.
„Полициските сили се на терен. Истрагата ќе ја спроведе дежурниот обвинител во соработка со истражителите на Одделот за криминалистичка полиција на Министерството за внатрешни работи на Република Хрватска и Управната канцеларија на Полициското одделение Градачац“, соопштија од Обвинителството.
Градоначалникот на Градачац, Едис Дервишагиќ за порталот Аваз изјави дека ова е голема трагедија.
„За жал, нашиот мирен, вреден, доблесен град е обвиен во црно. Се случи голема трагедија. Како што неофицијално дознавам, се работи за семејна расправија која ескалирала и сега сме во ситуација, за жал, да броиме загинати и ранети“, изјави Дервишагиќ.