fbpx

Невремето во земјава не беше предизвикано од ХААРП

Наспроти изнесеното во постот, на страницата на Универзитетот Алјаска е објаснето дека радиобрановите во фреквенцискиот опсег кој го трансмитира ХААРП не се апсорбираат ниту во тропосферата, ниту во стратосферата, а тоа се двете нивоа на атмосферата одговорни за временските прилики на Земјата. Бидејќи нема интеракција, нема можност ХААРП да го контролира времето

-

Во С. Македонија на 5 август 2023 година, кога е објавен постот имаше невреме, ама на ниеден начин непредизвикано од ХААРП. Станува збор за еден од најпопуларните истражувачки проекти во кој се вклучени различни партнери, индустријата, американското министерство за одбрана и бројни универзитети во Соединетите Американски Држави. Наспроти изнесеното во постот, на страницата на Универзитетот Алјаска е објаснето дека радиобрановите во фреквенцискиот опсег кој го трансмитира ХААРП не се апсорбираат ниту во тропосферата, ниту во стратосферата, а тоа се двете нивоа на атмосферата одговорни за временските прилики на Земјата. Бидејќи нема интеракција, нема можност ХААРП да го контролира времето, пишува Вистиномер.мк.

 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Почна невремето во Македонија! Ќе видиме на колку е пуштен ХАРПОТ.

Ова е уште една од низата објави коишто беспредметно го обвинуваат проектот ХААРП (High Frequency Active Auroral Research Program) за временските непогоди. Станува збор за еден од најпопуларните истражувачки проекти во кој се вклучени различни партнери – индустријата, американското министерство за одбрана и бројни универзитети во Соединетите Американски Држави.

Наспроти изнесеното во постот што го рецензираме, на страницата на Универзитетот Алјаска, во делот со прашања и одговори односно факти и митови, на прашањето дали ХААРП може да го контролира или манипулира времето – временските прилики, одговорот е негативен.

Не. Радиобрановите во фреквенцискиот опсег кој го трансмитира ХААРП не се апсорбираат ниту во тропосферата, ниту во стратосферата, а тоа се двете нивоа на атмосферата одговорни за временските прилики на Земјата. Бидејќи нема интеракција, нема можност ХААРП да го контролира времето. ХААРП системот е голем радиотрансмитер. Радиобрановите имаат интеракција со електричните полнења и струи и немаат значајна интеракција со тропосферата. Понатаму, ако јоносферските бури предизвикани од Сонцето немаат ефект врз временските прилики, тогаш нема шанса ниту ХААРП да го прави тоа. Електромагнетните интеракции се случуваат само во блискиот вакуум на редок, но електрично наполнет регион на атмосферата, на околу 60 до 80 километри, познат како јоносфера. Јоносферата се создава и постојано се надополнува, додека сончевото зрачење е во интеракција со највисоките нивоа на атмосферата на Земјатапишува на сајтот каде се објаснува за ХААРП.

Според истата страница, нема ниту долгорочни ефекти од јоносферското загревање. Бидејќи јоносферата е турбулентен медиум кој истовремено се раздвижува и обновува од сонцето, вештачки предизвиканите ефекти брзо се бришат.

Тоа што луѓето немаат доволни познавања за науката за климата, доведе до тоа да се има сосема погрешни толкувања за употребата на ХААРП технологијата.

Истражувањето на „Институт за демократија“ од ноември 2021 година покажа дека 46 отсто од граѓаните веруваат дека климата се контролира со сателити и радари (ХААРП), а 29 отсто мислат дека климатските промени се измислица. Наспроти тоа, научни докази покажуваат дека човечките активности (првенствено човечкото согорување на фосилни горива) ја загреале површината на Земјата и нејзините океански басени, што, пак, продолжува да влијае врз климата на Земјата.

Научниците направија лабораторија во Гакони, Аљаска, и инсталираа 180 високофреквентни антени, кои заедно можат да емитираат 3.600 киловати радиобранови на фреквенциите од 2.8 до 10 мегахерци (високфреквентен ранг), што им овозможува на особено чувствителните инструменти да ги измерат физичките процеси кои се одвиваат во тој појас.

Работата на истражувачкиот објект беше префрлена од Воздухопловните сили на САД на Универзитетот во Алјаска, Фербенкс, на 11 август 2015 г., дозволувајќи му на ХААРП да продолжи со истражување на јоносферската феноменологија преку договор за соработка за истражување и развој за користење на земјиштето.

На официјалната веб-страница на проектот се вели дека „ги проучува својствата и однесувањето на јоносферата“:

Јоносферата се протега на околу 50 до 400 милји над површината на Земјата, точно на работ на вселената. Заедно со неутралната горна атмосфера, јоносферата ја формира границата помеѓу долната атмосфера на Земјата – каде што живееме и дишеме – и вакуумот во вселената.

Но, она за коешто во научниот свет има консензус, е дека климатските промени се реални и водени од активноста на луѓето. Така сметаат 97 проценти од климатските научници ширум светот.

Во С. Македонија на 5 август 2023 година, кога е објавен постот што го рецензираме имаше невреме, ама на ниеден начин непредизвикано од ХААРП. Според објавата на Хидрометереолошкиот завод, најавено беше дување на умерен до засилен јужен и југоисточен ветер. Под влијание на атмосферски фронт во попладневните и ноќните часови дента беше нестабилно со пороен дожд и грмежи, на места во форма на невреме со интензивен дожд за кратко време, силен ветер, поинтензивни електрични празнења и услови за појава на град.

Неодамна Вистиномер дебанкираше слични неосновани тврдења дека невремето во Словенија било предизвикано од ХААРП. Како што наведовме тогаш, силното невреме, кое ја погоди Словенија, не е резултат на ХААРП, туку е природна појава, односно суперклеточна бура со грмотевици која се карактеризира со присуство на мезоциклон: длабок, упорно ротирачки нагорен проток. Поради ова, овие бури понекогаш се нарекуваат ротирачки грмотевици.

Научниците и метеоролозите велат дека ХААРП не може да го промени времето.

Џесика Метјуз, програмскиот менаџер на ХААРП на Универзитетот во Алјаска, Фербенкс, за Ју-ес-еј тудеј изјави дека опсегот на фреквенција што го пренесува ХААРП, не се апсорбира ниту во тропосферата, ниту во стратосферата – двете нивоа на атмосферата што го создаваат времето на Земјата.

Поради сите горенаведени факти, постот го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...