fbpx

Тодоров: Предвидена вакцина и за стрептокока

-

Вакцинацијата, генерално, се одвива одлично, а од 2018 година е предвидена и вакцина за стрептокока да влезе во генералниот календар, истакна министерот за здравство Никола Тодоров на синоќешната отворена владина седница.

– Таа е честа бактерија, позната за пошироката јавност, особено за оние што имаат деца во градинки и во училишта. Веројатно имаме десет пати поголемо количество од претходно што сме набавувале. Предвидена е таа во 2018 година да влезе во генерален календар и затоа сега постепено ги зголемуваме количествата. Има многу видови стрептокока. Планираме во 2017-2018 година да имаме комплет вакцинација за тоа. Сега ќе одиме доброволно и за определени групи – за деца со намален имунитет, за лица со малигни заболувања – рече Тодоров.

За ХПВ-вакцината, Тодоров информираше дека е склучен договор пред неколку дена за набавка за следната година.

– Овојпат набавивме двовалентна вакцина. Сега треба да распишеме тендер и за четиривалентна вакцина за оние што треба да примат ревакцинација – речеТодоров.

Тој оцени дека вакцинацијата, генерално, се одвива одлично и оти 96 отсто има опфат на вакцинација во државата.

– Генерално оди добро, иако тука се крена прав. Имам чувство дека има едно „антивакцинално движење“ во државата, кое се јавува како резултат на непроверени факти, на дезинформации кои се шират, на отпор кон вакцината, кое е проширено од нестручни лица кои немаат доволно познавања – истакна Тодоров.

Нагласи дека врвни доктори потврдуваат оти ваквинацијата нема врска со појавата на аутизам кај децата.

– Од сите страни добивам информации, од врвни светски научници, дури и од нашиот научник во Колумбија, Горазд Росоклија, кој е дел од тимот да ја докажат причината за аутизмот, дека аутизмот нема никаква врска со вакцината. И не можам да ги разберам тие „антивакцинални движења“, но, сепак, и покрај тоа, 96 отсто е опфатот од луѓето во Република Македонија. Има вакцини кои се задолжителни и вакцини кои се опциски. Ние сме една од земјите со висок опфат на вакцинација. Другите земји се борат за да достигнат 70-75 проценти – посочи Тодоров.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.