Истовременото примање на МРП и ДиТеПер вакцината е безбедно и е препорачано од здравствените власти

Сосема е во ред да се примат двете вакцини и МРП и ДиТеПер во исто време, доколку станува збор за ревакцината со ДиТеПер, односно доколку станува збор за дете кое е на возраст над 18 месеци, а пропуштило МРП вакцина. За ова постои упатство за постапување издадено од министерот за здравство

Фото: Мета.мк

Вакцината која содржи компонента против пертусис може да се дава истовремено со МРП вакцината со оглед на фактот што се работи за давање на една мртва и една жива вакцина, а растојание помеѓу двете вакцини не е потребно. Кога се даваат истовремено, вакцината која содржи компонента против пертусис и МРП вакцината се аплицираат во различни екстремитети, пишува во укажувањето за постапување од министерот за здравство. За тоа дека станува збор за безбедна практика има и светски етаблирани студии и препораки од релевантни здравствени организации, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Менгеле да беше жив, ќе му позавидеше !!!
На децата ли удривте сега, а сотони ???
 МРП и ДиТеПер заедно…има ли сајанси и научни студии кои гарантираат дека БОМБАРДИРАЊЕТО на детскиот организам со двете бомби одеднаш нема да има (не дај Боже) некакви последици ???
 Ако не па шибнете им ги сите одеднаш…ццц…кои кловнови сте вие (од оние-страшнине кловнови од хорор-филмовите што се смеат и оп ќе те чвркнат)!!!
Господ да ве казни !!!
А ние… мудро си ќутиме ?!?

Во склоп на објавата се споделува видео во кое претседателот на Комисијата за заразни болести, професор доктор Александар Петличковски кажува дека според последните светски и македонски препораки, двете вакцини (МРП и ДиТеПер) може да се примаат заедно.

Апелираме оние кои ја прескокнале третата доза да се вратат на редовната вакцинација и да го искористат тоа кога се вакцинираат со четвртата доза Ди Те Пер, да се вакцинираат и со МРП вакцината, вели доктор Петличковски во изјавата.

Инаку, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, двете вакцини и онаа против МРП и онаа против ДиТеПер, може да се примат заедно и за тоа има официјална препорака од министерот за здравство доктор Илир Демири.

Според документот до кој дојде Вистиномер, а кој е испратен до сите установи од ЈЗУ Здравствен дом Скопје, односно до вакциналните пунктови, како и до Центарот за јавно здравје, министерот Демири дал укажување за постапување на 7 март годинава. Во него се изнесува дека во врска со актуелната епидемиолошка состојба со голема кашлица и зголемениот број заболени во државата, а земајќи ја предвид појавата на епидемија на мали сипаници во регионот (Босна и Херцеговина и Србија) како и податоците од Светската Здравствена Организација и Европската комисија за контрола на болести, кои укажуваат на зголемен број на случаи на мали сипаници во неколку европски земји, согласно препораките на Комисијата за имунизација од состанок одржан на 23 февруари 2024 година министерството за здравство укажува на следното:

Зголемената циркулација на малите сипаници во регионот и нискиот опфат со вакцината против мали сипаници во нашата земја во 2022 година (прва доза МРП изнесува 70,7 проценти додека со втората доза изнесува 89,2 проценти) се зголемува ризикот од појава на случаи на мали сипаници и можноста за појава на епидемија. Со цел навремено да се спречи појава и ширење на малите сипаници треба да се искористи можноста кога се повикуваат невакцинираните и пропуштените деца за вакцинација против пертусис, да им се провери вакциналниот статус и за МРП вакцината. Децата кои се невакцинирани или имаат пропуштена доза на МРП вакцина а подлежат на вакцинација согласно Календарот за имунизација треба веднаш да се вакцинираат. Вакцината која содржи компонента против пертусис може да се дава истовремено со МРП вакцината со оглед на фактот што се работи за давање на една мртва и една жива вакцина, а растојание помеѓу двете вакцини не е потребно. Кога се даваат истовремено, вакцината која содржи компонента против пертусис и МРП се аплицираат во различни екстремитети, пишува во укажувањето за постапување од министерот за здравство доктор Демири.

Примањето на повеќе вакцини во исто време според Центарот за контрола и превенција на болести во САД (ЦДЦ) е безбедно. СЦД, на својата веб-страница наведува дека различни детски вакцини може да се дадат во исто време.

Многу вакцини се препорачуваат рано во животот за да ги заштитат малите деца од различни инфективни заболувања. Некои вакцини се нудат како комбинирани. Комбинирани вакцини претставуваат две или повеќе различни вакцини кои биле искомбинирани во една доза. Комбинираните вакцини се користат во САД од 1940. Примери на вакви вакцини се ДиТеПер и МРП. Честопати повеќе од една вакцина може да се даде за време на истата посета на докторот, вообичаено во различни екстремитети (на пример, по една во секоја рака). На пример, бебе може да прими ДиТеПер вакцина во една рака или нога, и инактивирана вакцина против полио (ИПВ) во друга рака или нога, за време на иста докторска посета, пишува на сајтот на ЦДЦ.

Оттаму додаваат дека примањето на неколку вакцини во исто време во една докторска посета, има две предности. Прво, децата на таков начин добиваат вакцини што побрзо за да се заштитат во најранливите месеци од нивниот живот. Второ, со давањето на неколку дози во исто време, тоа значи помалку докторски посети што им заштедува на пациентите време и пари и може да биде помалку трауматско за детето.

Научните податоци покажуваат дека примањето на неколку вакцини во исто време не предизвикува никакви хронични  здравствени проблеми. Бројни студии се направени за да се видат ефектите на давањето повеќе комбинации на вакцини, а кога која било која вакцина се лиценцира, таа се тестира заедно со веќе одобрените вакцини за одредена детска возраст. Препорачаните вакцини се ефективни и во комбинација и индивидуално. Понекогаш, дадена комбинација на вакцини кога ќе се даде заедно, може да предизвика температура, која е привремена и не предизвикува трајни компликации. Базирано на оваа информација, Советодавниот комитет за имунизација и Американската академија на педијатри, препорачува да се примаат сите рутински вакцини на време, додаваат од ЦДЦ.

Медицински студии потврдуваат дека Ди Те Пер вакцината може да биде администрирана заедно со МРП вакцината после 15 месечна возраст. Во земјава, препораката е ревакцината Ди Те Пер која се прима на 18 месеци да се прими со пропуштената МРП вакцина што оди во согласност со научните медицински сознанија и препораки.

Во водичот за имунизација на Канада е наведено дека инактивираните вакцини може да се администрираат истовремено со други инактивирани или живи вакцини.

Здравствените власти од Обединетото Кралство на страницата за информации за вакцините, пишуваат дека повеќе студии покажуваат дека е безбедно децата да примат повеќе вакцини во исто време и дека на таков начин бебето ќе биде заштитено од многу сериозни болести. Оттаму додават дека пред да биде воведена вакцината против пертусис, просечниот број на случаи со голема кашлица пријавени секоја година во Обединетото Кралство бил 120 илјади, а 92 деца починале во годината пред да почне вакцинацијата.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како објава во која се пропушта контекстот. Сосема е во ред да се примат двете вакцини и МРП и ДиТеПер во исто време, доколку станува збор за ревакцината со ДиТеПер, односно доколку станува збор за дете кое е на возраст над 18 месеци, а пропуштило МРП вакцина. За ова постои упатство за постапување издадено од министерот за здравство, но и светски етаблирани студии и препораки од релевантни здравствени организации дека станува збор за безбедна практика. Затоа не може да се каже дека станува збор за ,,Менгеле” кога се препорачува оваа практика, бидејќи се работи за медицински и научно безбедна пракса потврдена во повеќе земји од светот од медицински професионалци и организации кои се занимаваат со имунизација на национално ниво (комитети за имунизација).