Тинејџерката која го сними убиството на Џорџ Флојд се стекна со специјална Пулицерова награда

Photo by munshots on Unsplash

Дарнела Фрејзер, тинејџерката која што го сними убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд беше наградена со специјална Пулицерова награда. 18-годишната тинејџерка го доби посебното признание на најпрестижната новинарска награда во САД и покрај фактот што не е професионален новинар. Во образложението за доделената награда се наведува дека храбрата Фрејзер ја истакнала клучната улога што ја имаат граѓаните во новинарската потрага за вистината и правдата, пренесува Си-ен-ен.

Инаку, објавената видео снимка предизвика масовни протести низ светот против полициската бруталност и расизмот, и не само во САД, туку и во многу други земји повторно го отвори прашањето за расните односи. Токму известувањето за убиството на Џорџ Флојд беше поводот за доделување на Пулицеровата награда за ударна вест на целокупниот персонал на весникот „Стар Трибјун“ од Минеаполис.

На официјалната страница на Пулицеровата награда, во категоријата јавна служба за добитник на наградата е прогласен „Њујорк Тајмс“, додека во категоријата истражувачко новинарство Пулицеровата награда годинава беше доделена на петчлениот тим на „Бостон глоуб“. Тричлениот тим на „Базфид“ се стекна со Пулицеровата награда за меѓународно известување за серијата стории со кои ја опишуваат новата инфраструктура изградена од кинеските власти за масовно притворање на муслиманите во земјата.

Пулицерова награда се доделува во 22 категории, од кои 15 од областа на новинарството и седум награди за литература и музика. Наградите ги доделува Универзитетот Колумбија, а самата награда ја воспоставил новинарот и издавач Џозеф Пулицер.