#CtrlZ предизвик: Познати победниците на видео-конкурсот за млади на тема „образование“

Авторите на наградените видеа ќе добијат ваучери за ИТ опрема

Познати се добитниците на наградите од #CtrlZ предизвикот за млади – видео-конкурс на тема „образование“ што го распиша Фондацијата Метаморфозис. Право на учество на конкурсот имаа сите млади лица на возраст од 14 до 29 години.

Учесниците требаше да создадат кратко видео поврзано со темата „образование“ во кое ќе претстават одреден проблем од основното, средното или високото образование. Според правилата, видеата можеа да бидат на македонски, албански или англиски јазик, а се прифаќаа и содржини во кои нема говор или текст.

Видеата можеа да бидат снимени со каква било камера, мобилен телефон или друг уред, а забрането беше користење материјали заштитени со авторски права или плагијаторство.

Пристигнатите видеа ги оценуваше комисија која најмногу ги вреднуваше идејата, креативноста при изработката и силината на пораката на содржините.

Според гласовите на комисијата, првото место на видео-конкурсот го освои авторот Бобан Кочески за своето видео во кое се зборува за важноста од зачувување на менталното здравје кај учениците поради притисокот со кој тие се соочуваат за време на учењето.

„Успехот не смее да го жртвува нашето ментално здравје. Треба да се грижиме за себе и за својата благосостојба пред сè друго, без да се споредуваме со другите. Ова е особено важно за младите кои се изложени на притисок и очекувања во училиштата и на работните места“, се вели во првонаграденото видео.

Второто место го освои авторот под псевдоним Кико за видеото во кое авторот на креативен начин, преку илустрации, ја истакнува потребата од воведување на вештачка интелигенција и другите форми на современата технологија во македонските образовни установи.

„Не треба да се плашиме од вештачката интелигенција, туку треба да изнајдеме начин како да ја воведеме и прилагодиме на нашето образование, нашите потреби и можности. Светот се движи и развива со сè поголема брзина, и колку-толку мораме да бидеме во тек со брзите промени за да не заостануваме и да не го продлабочиме јазот што веќе постои меѓу нас и поразвиените општества“, вели авторот во видеото.

Третонаграден е трудот на авторот Христијан Стоимилов, кој во видео-есеј зборува за важноста на образованието кај секој човек, како и за состојбите во образованието во земјава.

„Иако постојат предизвици во системот како што се недоволно ресурси или недоволно добар квалитет на наставата, се преземаат мерки за подобрување на состојбата и зголемување на пристапноста на образованието…Образованието игра клучна улога во развојот на нацијата и креирањето на интелектуален и културен капитал“, се вели во видеото.

Авторите на наградените видеа ќе добијат ваучери за ИТ опрема и тоа: ваучер во износ од 15.000 денари за првонаградениот, 6.000 денари за второнаградениот и 3.000 денари за третонаградениот на видео-конкурсот.

#CtrlZ предизвикот за млади беше дел од проектот „Веродостојни вести за оспособена младина“ што Фондацијата Метаморфозис го спроведуваше со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.