Средношолците дискутираа: Кога е во прашање насилството, сите сме на иста страна

По отворањето и воведните обраќања со пораки за љубов, почит и меѓусебно разбирање, сите говорници се префрлија на „другата страна“ од амфитеатарот –  на клупите меѓу средношколците, за да ги слушнат што имаат да кажат

фото: Мета.мк

Секој ученик да се охрабри и да разговара, затоа што со молчење психолошките проблеми и состојби нема да можеме да ги надминеме. Стручните соработници во училиштата да се доедуцираат, а во секој училишен предмет да се вградат механизми како да се развиваат добри морални вредности – да се помага и да се биде другар. Да не ги отфрламе различните од нас, да работиме на полето за ослободување од стигмата и да научиме како да го решаваме проблемот со насилството меѓу младите.

Ова се главните поенти што беа истакнати на дебатата „Насилство кај децата“ што денеска се одржа на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје.

Специфично за денешниот, за разлика од другите бројни настани што периодов се одржуваат на тема меѓуврсничко насилство, е тоа што главни говорници беа токму младите – средношколците. Над 100 ученици од повеќе од 20 различни училишта од целата држава се собраа во Големиот амфитеатар на Филозофски за од прва рака да ги споделат нивните искуства и видувања на темата што се актуелизираше во нашето општество по немилиот настан во Србија, во кој ученик во основно училиште уби девет ученици и чуварот во училиштето.

Сите сме на иста страна кога во прашање е грижата за младите, борбата против насилството и благосостојбата во училиштата, заклучија организаторите.

Дискусијата беше отворена од професорките Софија Георгиевска и Наташа Станојковска Трајковска – која истовремено е и продекан за финансии, инвестиции и развој на Филозофскиот факултет, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и претседателот на Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија, Лука Павиќевиќ.

По отворањето и воведните обраќања со пораки за љубов, почит и меѓусебно разбирање, сите говорници се префрлија на „другата страна“ од амфитеатарот –  на клупите меѓу средношколците, за да ги слушнат што имаат да кажат.

фото: Мета.мк

„За да можеме да имаме една ваква дискусија, треба да бидеме искрени. Насилството не е ништо ново. Тоа е нешто што го следи човекот од првиот момент на неговото постоење. Тука во игра се две чувства – првото е дека сите сакаме некаде да припаѓаме, во друштво или група кои се слични со нас. Истовремено со таа потреба да припаѓаме на група, доаѓа и потребата и чувството на исклучување. Ова значи дека секој оној што е поинаков, ние го гледаме како нешто што е страно за нас и не сакаме да го прифатиме“, рече на почетокот од дискусијата претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ.

Стравот да бидеме отфрлени

Насилството се случува поради тоа што дел од нас не се прифатени во средината. Неприпаѓањето е болно за насилниците, кои потоа наоѓаат жртва што ќе ја нападнат поради одредени стравови во нивните глави, рече ученичка од средно училиште во Куманово.

„Сите длабоко во нас тежнееме да припаѓаме на одредена средина – во училиште или надвор од него. Кога не припаѓаме на ниедна средина, ние сме поинакви, а за насилниците тоа е многу поболно. Наоѓаат жртва која можат да ја нападнат поради одредени стравови во нивните глави. И потоа ние стануваме жртви на насилството, ние сме оние што го трпат булингот“, рече ученичката.

Таа сподели пример за тоа како нејзиното училиште работи на решавање на овој проблем.

„Ние имаме Клуб за медијација, каде се трудиме на еден ненасилен начин, ненасилна комуникација да ги решиме проблемите. Годинава обучувачи таму се самите ученици, а не професорите, бидејќи сметаме дека на таков начин со неформална комуникација, нашите врсници полесно ќе можат да ги искажат своите проблеми, па ние потоа да ги насочиме да го решат проблемот“, сподели ученичката.

Главниот фокус треба да стави на причината зошто насилниците воопшто и го вршат тоа насилство и да се поработи со тој страв, рече друга ученичка.

„Проблемот не е во жртвите, туку во опкружувањето на насилникот и стравот на насилникот тој да не биде жртва на насилство“, рече средношколката.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири се надоврза со порака до наставниците.

„Пораката нека биде до сите наставници – што повеќе да го насочуваат ученикот во делот каде тој има најдобро знаење. Наместо да кажуваме ти не знаеш за ова, можеме да кажеме – имаш талент за она. Треба да го прашаме кој дел или предмет најмногу го сака“, рече Шаќири.

Круг: Насилниците некогаш биле жртви на насилство

Секое насилство потекнува од друго насилство што се случило претходно – овој аргумент го дадоа повеќе средношколци присутни на дебатата, кои се согласија дека е потребно да се изнајдат начини како насилниците да станат ненасилни.

„Од опсервација имам согледано дека кога зборуваме на темата како насилството влијае врз менталното здравје на жртвата, забораваме на фактот дека често насилниците се поранешни жртви на насилство. Тие стравови подоцна, поради несподелување на проблемите од срам или страв дека ќе бидат исмевани и занемарени, преминуваат на нив и таа агресија ја пренесуваат на други кои стануваат нивни жртви. Тоа е еден цел циклус. Кога зборуваме за насилство, треба да размислиме и за тоа како на насилниците да им помогнеме да станат ненасилници. Тие се чувствувале сосема беспомошно кога биле жртви, а сега кога се насилници имаат лажно чувство на контрола и моќ и се обидуваат да си задоволат некои свои потреби. Треба да се земе предвид како размислуваат насилниците за да може да се бориме со нив“, рече ученичка од средно медицинско училиште во Прилеп.

фото: Мета.мк

Слично образложение даде и ученик од радовишкото средно училиште „Коста Сусинов“.

„Насилниците најчесто ги поврзуваме со оние кои имале проблеми во животот и тие порано биле жртви на насилство. Мислам дека во овој дел улога имаат и професорите во училиштата, кои можат многу лесно да направат „лоша“ атмосфера во училница и многу често учениците поради некои професори може да не го сакаат предметот или да изгубат интерес за него“, рече средношколецот од Радовиш.

„Да не бидеме сеирџии“, порачаа средношколците

На средношколците им се обрати и професорката во пензија Олга Мурџева – Шкариќ, која е авторка на сликовницата и прирачникот „Која игра ја играш?“ – книга што го третира меѓуврсничкото насилство во училиштата. Таа порача дека е неопходна меѓугенерациска соработка за надминување на овој проблем.

„Треба да разбереме дека насилништво, агресија, агресивност – сето тоа треба да се разликува – што е вродено, а што стекнато. Тоа е кусо и јасно напишано во прирачникот за да можат да разберат и учениците и наставниците и родителите. Постои тријаголник на лица кој треба да се занимава со проблемот насилство. Тука се трите вида играчи: силеџии, жртви и сеирџии – оние кои детектираат, а не преземаат ништо. Целата тенденција е да го имаме четвртиот играч – некој што е другар“, рече професорката Мурџева – Шкариќ.

Голема улога во насилството имаат и оние што само ја гледаат ситуацијата и не преземаат ништо, но и оние што го поддржуваат насилството, се согласија средношколците.

Постојат такви ученици што го поддржуваат насилното однесување на своите соученици. Некој да е насилен не е воопшто интересно и смешно“, рече една од ученичките што се приклучи кон дискусијата.

„Треба да ги негуваме пријателствата и да споделуваме искуства. Мислам дека треба и училиштата и средношколците да бидат доволно едуцирани дека треба да се создаде доволно безбедно опкружување за самите ученици да можат да споделат нешто. Сум била сведок на ситуации каде учениците споделиле свое искуство со другари или наставници, кои не го сфатиле сериозно тоа, па насилството станало многу посилно“, додаде ученичка од Кавадарци.

Погрешно претставување на улогата на училишните психолози и педагози

Средношколците на дебатата се осврнаа и на работата на стручните соработници во училиштата, за кои рекоа дека се преоптоварени со административни задачи и не ја вршат работата за која навистина се таму.

„Во некои училишта, психолозите се погрешно претставени  – сите мислат дека ако одиш кај психолог или педагог, тогаш си направил нешто лошо. Во основно никој не ни кажал дека можеме да се обратиме кај психолог ако имаме некој проблем поврзан со училиштето. Кога дојдов во средното училиште каде учам сега се изненадив – тука можам да споделам каков било проблем – дали поврзан со дома или со училиштето. Имаме воспоставено одлична комуникација со педагогот, отворено да си кажеме што било“, рече ученичка од скопско средно училиште.

„Дали бараме решение на проблемот во училиштето? Психолозите и стручните соработници сосема погрешно ги гледаме и погрешно се претставени. Во основно се сеќавам, оној што ќе отиде кај психолог, значи оти направил нешто лошо. Да се оди кај психолог е синоним на нешто страшно – во нашата комуникација меѓу децата тоа се сметаше за нешто стварно страшно“, рече ученичка од средното музичко училиште „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.

Таа сподели искуство за стереотипите со кои се соочуваат учениците што учат во уметнички училишта.

„Во уметничките училишта постои посебен начин на облекување на учениците – што е нормално, бидејќи сме уметници – и секогаш има некој што ги задева учениците, без разлика дали е тоа поради облеката или косата. Има бројни такви примери во нашето училиште и сосема се пронаоѓам во таква ситуација. Од наша страна ова изгледа многу лошо и не знам со кои зборови да му се обратам на оној што навредува, не знам како ќе бидам прифатена и разбрана“, додаде ученичката.

Друга ученичка од кумановско училиште сподели искуство во кое била обесхрабрена да се обрати кај училишниот психолог од страна на професор.

„Добив одговор – ти си одличен ученик, зошто да разговараш со психолог, таму одат ученици кои прават проблеми, кои мора да одат, такви со слаби  оценки и така натаму“, рече ученичката.

Средношколците дискутираа дека фактор кај насилството е и односот на родителите кон нивните деца.

„Влијае и тоа како родителите се однесуваат кон децата. Многу родители поставуваат критериуми кои учениците не сакаат или не можат да ги исполнат. Мора да учиш, да имаш добри оцени, не смееш да излегуваш – со тоа ги притискаат децата, не ги интересира што мислат тие. Многу деца кои имаат таков притисок бараат спас во насилство или нешто друго“, сподели средношколка.

„Главна причина зошто постои насилството е недостигот на комуникација меѓу возрасните и децата од најмала возраст – некои деца не се учат на емпатија. Мислам дека недоволно се зборува за тоа. Чекаме да се случат работи за да почнеме да реагираме“, рече друга ученичка.

Павиќевиќ од Сојузот на средношколци заклучи дека е важно да се охрабрат училишните психолози, да се ослободат од административните задачи кои ги имаат и државата да им помогне да ги добијат потребните вештини и доквалификации за да можат да работат со учениците.

Учениците побараа системско решавање на проблемот, а споделија и позитивни примери за тоа како нивните училишта го решаваат проблемот со насилството. Дадоа предлози за тоа што може да направи државата, а меѓу барањата беше предметот „Граѓанско прав“о да се изучува во повеќе години од образованието.

Министерот Шаќири на учениците им вети дека сè што кажале ќе биде земено предвид при натамошните планови и стратегии на државата за справување со насилството во училиштата.

Професорката Татјана Стојановска Иванова им порача на учениците да имаат разбирање едни за други и дека секој заслужува втора шанса.

„Опресираниот опресира –  да препознаеме ако наше другарче врши сајбер насилство или вам ви се обраќа со груб збор – можеби и нему му се обраќале со груб збор – да не го отфрламе, да му помогнеме и да го разбереме. Секој еден заслужува втора шанса. Она што е најклучно – сите да работиме на полето да се ослободиме од стигмата, да научиме како да го решаваме проблемот, вие сте таа иднина“, порача професорката Стојановска Иванова.