Тинејџери од С. Кореја осудени на тешка физичка работа поради гледање јужнокорејски серии

Јужнокорејските содржини како ТВ серии, се забранети на северот, но и покрај тоа, некои од граѓаните се подготвени да ризикуваат строга казна за да пристапат до јужнокорејски серии, кои имаат огромна глобална публика

Двајца тинејџери од Северна Кореја се осудени на 12 години тешка физичка работа поради гледање јужнокорејска серии, соопшти Би-би-си.

Во снимка која ја добила британската телевизија и е најверојатно снимена во 2022 година, прикажани се две 16-годишни момчиња со лисици на рацете пред стотици студенти на стадион. Се гледа како униформираните полицајци ги прекоруваат момчињата дека „не размислуваат за нивните грешки“.

Јужнокорејските содржини како ТВ серии, се забранети на северот, но и покрај тоа, некои од граѓаните се подготвени да ризикуваат строга казна за да пристапат до јужнокорејски серии, кои имаат огромна глобална публика.

Снимките како оваа се ретки, бидејќи Северна Кореја забранува објавување фотографии, видеа и други докази за животот во земјата на надворешниот свет.

Наводно, снимката е дистрибуирана во Северна Кореја заради идеолошко образование и за да се предупредат граѓаните да не гледаат „декадентни снимки“.

Видеото вклучува наратор кој повторува државна пропаганда.

„Културата на гнилиот марионетски режим се рашири дури и кај тинејџерите“, вели гласот од видеото.

„Тие имаат само 16 години, но ја уништија сопствената иднина“, се додава.

Момчињата, исто така, биле именувани од полицајците и јавно им биле откриени адресите.

Во минатото, малолетниците кои го прекршувале законот на овој начин, наместо да бидат затворени зад решетки, биле испраќани во младински работни логори, а казната обично била помала од пет години.

Меѓутоа, во 2020 година, Пјонгјанг донесе закон со кој гледањето или дистрибуирањето на забавни содржини од Јужна Кореја се казнува со смрт.

Дезертер претходно изјавил за Би-би-си дека бил принуден да гледа стрелање на 22-годишен маж. Тој за Би-би-си кажа дека човекот бил обвинет за слушање јужнокорејска музика и споделување филмови од Јужна Кореја со свој пријател.

Севернокорејците имаа можност да ги гледаат и слушаат јужнокорејските забавни содржини во 2000-тите, за време на годините на „сончевата политика“ на југот, според која се нуди безусловна економска и хуманитарна помош за северот.

Сеул ја прекина политиката во 2010 година, поради тоа што откриле дека помошта не стигнала до обичните Севернокорејци за кои била наменета и дека таа не резултирала со какви било „позитивни промени“ во однесувањето на Пјонгјанг.

И покрај тоа, јужнокорејските содржини продолжија да стигаат до Северна Кореја преку Кина.

„Ако те фатат дека гледаш американска серија, можеш да се извлечеш со поткуп, но ако гледаш корејска драма, ќе добиеш куршум“, изјавил за Би-би-си Кореја еден дезертер.

„За севернокорејскиот народ, корејските драми се „дрога“ што им помагаат да заборават на нивната тешка реалност“, вели истиот дезертер.

„Во Северна Кореја ни е кажано дека Јужна Кореја живее многу полошо од нас, но кога гледате јужнокорејски драми, тоа е сосема поинаков свет. Се чини дека севернокорејските власти се претпазливи во врска со ова“, рече друга севернокорејска дезертерка за Би-би-си.