ТикТок го лансира проектот „Детелина“ за да ги ублажи стравувањата дека споделува податоци со Кина

Компанијата ги засилува безбедносните мерки во жесток обид да докаже дека не претставува закана за националната безбедност во САД и Европа.

фото: Solen Feyissa на Unsplash

ТикТок воведува нови безбедносни мерки за да ја намали загриженоста околу споделувањето на податоците на корисниците со властите во Кина.

Проектот „Детелина“ (Project Clover) предвидува посебна безбедносна компанија да го надгледува „протокот на податоци“, а ТикТок ќе го отежни идентификувањето на индивидуалните корисници преку податоците, јавува Би-би-си.

Преку таканаречени „безбедносни порти“ ќе биде додаден дополнителен слој на контрола врз пристапот на вработените во ТикТок до информациите на европските корисници и преносот на податоци надвор од Европа.

Европската комисија ја забрани апликацијата која е во сопственост на кинеската компанија „БајтДенс“ од уредите на вработени.

Како дел од напорите за локално складирање на податоците на европските корисници, ТикТок откри планови за два нови центри за податоци во Даблин, Ирска кои ќе ја чинат компанијата 1,2 милијарди евра секоја година, покрај постоечкиот центар во Норвешка.

Сличен план, наречен „Проект Тексас“ е во тек и во Соединетите Американски Држави. Во САД во моментов се разгледува предлог-закон со кој на американскиот претседател Џо Бајден му се доделуваат овластувања да забрани технологија во странска сопственост.

Извршниот директор на ТикТок, Шоу Зи Чу, подоцна месецов ќе се појави пред американскиот Конгрес.

Претставници на ТикТок за Би-би-си изјавија дека компанијата стравува оти ќе стане „пион“ во дипломатските тензии меѓу САД и Кина.

Покрај Европската комисија, американската и канадската влада исто така ја забранија употребата на ТикТок на уредите во државна сопственост.