Европската комисија им забрани на вработените да користат ТикТок

фото: Solen Feyissa на Unsplash

Вработените во Европската комисија добиле наредба да ја отстранат апликацијата ТикТок од своите мобилни телефони и сите службени уреди. Од Комисијата велат дека мерката се спроведува заради „заштита на податоците и зголемување на сајбер безбедноста“, јави Би-би-си.

ТикТок, кој е во сопственост на кинеската компанија „БајтДенс“ се соочува со обвинувања дека ги собира податоците на корисниците и ги предава на кинеската влада.

Од апликацијата, пак, тврдат дека не работат поинаку од другите социјални медиуми. Од ТикТок велат дека одлуката на Комисијата се заснова на погрешни идеи за платформата.

Забраната подразбира дека персоналот на Европската комисија не може да користи ТикТок ниту на личните уреди на кои се инсталирани официјални службени апликации. Персоналот мора да ја отстрани апликацијата што е можно поскоро, но не подоцна од 15 март.

Според податоците, Комисијата брои персонал од околу 32.000 лица – редовни вработени и соработници со договор.

За оние што нема да се придржуваат до утврдениот рок, службените апликации како и-мејл платформите и Скајп, повеќе нема да им бидат достапни на уредите.

Минатата година ТикТок призна дека дел од персоналот во Кина може да пристапи до податоците на европските корисници.

„БајтДенс“ во последните месеци се соочува со зголемена контрола од Западот поради стравувањата за тоа колкав пристап до податоците на корисниците има Пекинг.

Би-би-си јави дека минатиот месец и холандската влада наводно ги советувала јавните службеници да се оддалечат од апликацијата, а слични повици имало и во Обединетото Кралство.

Инаку, и американските власти неодамна го забранија ТикТок на уредите во државна сопственост поради загриженост за националната безбедност.

Популарноста на ТикТок растеше со огромна брзина и ја направи првата апликација во светот која достигна три милијарди преземања во светот, а која не е во сопственост на компанијата „Мета“.

Во моментов не е познато дали примерот на Европската комисија ќе го следат и Европскиот совет или Европскиот парламент.