Сенатот во САД гласаше за забрана на ТикТок на уредите во државна сопственост

Image by Solen Feyissa from Pixabay

Американскиот Сенат вчера усвои предлог-закон со кој на вработени во федерални служби им се забранува на уредите во државна сопственост да ја користат апликацијата за видеа ТикТок, чиј сопственик е кинеската „Бајт Денс“, јави Гардијан.

Пред да се најде на маса кај претседателот Џо Бајден, предлог-законот мора да биде одобрен од Претставничкиот дом на САД, на седница која се очекува да се одржи следната седмица.

Гласањето на законот е најновата акција на американските законодавци за ограничување на кинеските компании, поради стравувањата за националната безбедност дека Пекинг би можел да ги искористи компаниите за шпионирање на Американците. Претходно, Северна Дакота и Ајова им се придружија на останатите држави во забраната на ТикТок на државните уреди поради загриженоста дека податоците може да стигнат до кинеската влада.

Од ТикТок одговорија дека загриженоста во голема мера е поттикната од дезинформации и дека ќе се сретнат со креаторите на политики за да разговараат околу практиките на компанијата.

„Разочарани сме што толку многу држави прибегнуваат кон политички чекори за да донесат политики засновани на неосновани лаги за ТикТок кои нема да направат ништо за унапредување на националната безбедност на Соединетите држави“, стои во соопштението на ТикТок.

Републиканскиот сенатор Марко Рубио во вторникот претстави двопартиска легислатива за целосна забрана на ТикТок во САД, зголемувајќи го притисокот врз „БајтДенс“ поради стравувањата дека апликацијата ги шпионира граѓаните и ја цензурира содржината. Со законот е предвидено да се блокриаат сите трансакции од која било компанија за социјални медиуми под влијание на Кина и Русија.

Во 2020 година, поранешниот американски претседател Доналд Трамп се обиде да ги блокира новите корисници да ја преземаат ТикТок, но повеќе судски одлуки ги попречија неговите планови.