Тендерот пропадна, Битола ќе почека за пречистителна станица за отпадни води

Наместо да се потпише договорот со најповолниот понудувач, кој беше планиран за годинава, и да се почне изведбата на пречистителната станица, сега треба целокупната постапка да се повтори поради превисоките цени на изведувачите

Фото: Архива на Мета.мк

Пропадна тендерската постапка за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Битола, кој беше распишан пред една година и требаше да отпочне да се изведува годинава. Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк информираат дека компаниите кои учествувале на тендерот доставиле понуди кои биле над проектираниот буџет.

Инаку, проектот за изведба на битолската пречистителна станица е финансиран преку ИПА 2 Програмата на ЕУ и е во вредност од 27,8 милиони евра.

„Тендерската постапка е откажана од причина што сите технички исправни понуди беа над проектираниот буџет на проектот. Тендерската постапка ќе биде повторена. Тендерската документација е ревидирана, се очекува доставување на одобрување на истата во Делегацијата на ЕУ, по што истата ќе биде објавена“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Постапката за изградба на капиталниот објект за Битола што треба да ги спаси од загадување водите на реката Драгор беше распишан на 16 ноември 2022 година, а понудите од градежните компании се собираа до 21 февруари годинава, по што следеше и постапката за разгледување на понудите.

Но, наместо да се потпише договорот со најповолниот понудувач, кој беше планиран за годинава, и да се отпочне изведбата на пречистителната станица, сега треба целокупната постапка да се повтори поради превисоките цени на изведувачите.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање немаат конкретен рок кога би се реализирало долгогодишното ветување за Битола да добие пречистителна станица за отпадни води. Велат дека тоа ќе зависи од новиот тендер.

„По повторување на тендерската постапка и склучување на договорот, градбата ќе се спроведе во рок од две години и дополнително една година за пријавување на дефекти“, објаснуваат од ова министерство.

Идниот инфраструктурен објект треба да ги зафаќа фекалиите кои во моментов непречистени се испуштаат во реката Драгор, Петтиот канал од Битола и околните населени места. Битолската пречистителна станица ќе има капацитет да опслужи 112.474 жители, а со тендерот треба да се изберат и изведувач за проширување на канализационата мрежа во Битола со нови 15 километри и за реконструкција на постојната канализациона мрежа во должина од 13 километри.

Битола и Тетово едвај чекаат да почне изградбата на пречистителните станици за отпадни води

И за тетовската пречистителна станица допрво ќе следи тендер

Од Министерството за животна средина и просторно планирање пред една година објаснија дека тендерот за пречистителната станица за отпадни води во Тетово ќе се објави на почетокот од 2023 година. Но, ова ветување до денешен ден не е исполнето.

Од ова министерство објаснуваат дека тендерската документација за инфраструктурниот објект во Тетово е на одобрување во Делегацијата на ЕУ, по што истата ќе се објави и ќе следи период на достава на понуди и спроведување на евалуационата постапка.

„Предуслов за склучување на договорот е расчистени имотно – правни односи, односно целосно завршена експропријација. Истата е во тек“, велат од Министерството за животна средина.

Од Општина Тетово пред една година за Мета.мк објаснија дека имало 1.200 предмети за експропријација на земјиштето, каде што треба да се гради пречистителната станица и дека локалните власти работат на расчистување на имотно-правните односи.

Проектот треба да се реализира во селото Фалише, а пречистителната станица ќе опфаќа филтрирање на отпадните води за Тетово и околината со вкупно 95.000 жители, при што треба да се заштити реката Вардар од загадувањето на водите.

Тетово шест години чека пречистителна станица, тендерот мора да го објави Министерството за финансии, но не се знае кога

Од Министерството за животна средина објаснуваат дека тендерот за тетовската пречистителна станица се очекува да се објави до крајот на 2023 година. По ова, ќе следи период од три месеци за достава на понуди и период од три месеци за евалуација. Потпишувањето на договорот за реализација на овој капитален објект за Тетово треба да се очекува за наредната година, кога би следел и почетокот на изградбата.

„Периодот за изградба е две години плус една година гарантен период“, објаснуваат од Министерството за животна средина за временската рамка до кога би требало да биде пуштена во употреба тетовската пречистителна станица.

Изградбата на пречистителните станици во Битола и Тетово се одолговлекува со години наназад. Од друга страна, на Македонија ќе ѝ бидат потребни околу 1,2 милијарди евра за спроведување на Директивата на ЕУ за урбани води. Во земјава помалку од третина од населението е покриено со систем за пречистување на отпадните води, а за да станеме членка на ЕУ постепено ќе треба секое населено место да добие пристап до третман на отпадните води.