fbpx

Тетово шест години чека пречистителна станица, тендерот мора да го објави Министерството за финансии, но не се знае кога

Иако во 2017 година беше потпишан договорот за реализација на ИПА проектот за изградба на пречистителната станица за третирање на отпадните води и проширување на канализационата мрежа во општина Тетово, реализацијата на проектот постојано се одложува, а се уште не е објавен ниту тендерот

-

Иако во 2017 година беше потпишан договорот за реализација на ИПА проектот за изградба на пречистителната станица за третирање на отпадните води и проширување на канализационата мрежа во општина Тетово, реализацијата на проектот постојано се одложува, а се уште не е објавен ниту тендерот. Проектот е заглавен во Министерството за финансии, но оваа институција не одговара на новинарските прашања околу тоа кога ќе биде објавен тендерот. Од Општина Тетово велат дека очекуваат да биде објавен во септември, пишува Порталб.мк.

Каков е овој проект и што ќе се гради?

Проектот кој достигнува вредност од 30 милиони евра е финансиран од Европската Унија и во него се вклучени повеќе институции како Општина Тетово, ЈКП „Тетово“, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за финансии, Делегацијата на ЕУ во земјава, кои имаат обврски различни. Според проектот корисник ќе биде Министерството за животна средина и просторно планирање, а крајни корисници ќе бидат Општина Тетово и Јавното комунално претпријатие „Тетово“. Проектот ќе опфаќа филтрирање на отпадните води за Тетово и околината со вкупно 95.000 жители, а системот ќе се изгради во селото Фалише.

Врз основа на физибилити студијата и стратегијата за реализација на овој проект, предвидена е изградба на нова канализациона мрежа (колектор) со која ќе се собираат отпадните води од постојната канализациона мрежа и ќе се испраќаат до пречистителната станица. Водособирниот простор ќе ги опфати следните Тетово, Мала Речица, Голема Речица, Порој и Џепчишта. Предвидено е пречистителната станица да има капацитет за покривање на канализационата мрежа која ќе се гради и во другите рурални општини кои граничат со Тетово, со што во иднина и овие општини ќе бидат приклучени.

Општина Тетово чека Министерството за финансии да го објави тендерот

За да видиме каде е заглавена оваа процедура и што се очекува понатаму, Порталб.мк разговараше со Фатмир Сабриу, координатор на овој проект од Општина Тетово.

Тој рече дека тендерската документација, по многу корекции од страна на тимот составен од претставници на Општината и Министерството на барање на Делегацијата на Европската Унија, е доставена до Министерството за финансии за објавување на тендерот за прибирање на понуди од различни понудувачи.

„Наша проценка е дека огласот треба да биде објавен во тек на септември, но треба да се има предвид дека тоа не зависи од нас, туку од Министерството за финансии и од Делегацијата на Европската Унија. Доколку се оди според планот и договорот биде потпишан до крајот на декември годинава, тогаш работите треба да почнат на пролет 2024 година, но повторно нагласуваме дека не сме компетентни и овој факт не зависи од нас“, рече Сабриу.

Прашан за причините за доцнењето и дали има пречки во проектот, тој одговори дека во последната 2022-2023 година морало да се направи многу голема работа за да се подобри/коригира тендерското досие.

„Поради ова, на инсистирање на градоначалникот на општината, формиран е специјален тим составен од стручни лица од областа кои дадоа свој придонес да се корегираат или избегнат нејаснотиите изнесени во тендерското досие. Исто така, Министерството ангажираше посебна компанија која во соработка со претставниците на општината одговори на сите прашања поставени од Делегацијата во однос на содржината на тендерската документација. Сите овие дилеми се веќе елиминирани и сметаме дека составивме една техничка документација која ги исполнува сите услови согласно меѓународните стандарди и добрите практики“, нагласи Сабриу.

Една од главните задачи што Општина Тетово мора да ја заврши за овој проект е процесот на експропријацијата. Од Општината велат дека како предлагачи ги имаат изготвено сите предлози за експропријација, но во координација со органот за експропријација, Министерството за финансии – Одделение за имотно правни работи, постапката за експропријација ја поделиле на три приоритети и тоа: Тетово, Голема и Мала Речица и Порој и Џепчишта.

„Првиот приоритет е речиси завршен што се однесува до одлуките за експропријација или договорите за експропријација и сега сме во постапка за експропријација за вториот приоритет (Голема и Мала Речица). Што се однесува на прашањето дали има пречки од страна на граѓаните, можеме да констатираме дека дел од граѓаните го користат своето законско право да се жалат на решенијата за експропријација, односно да поднесат тужба до управниот суд, што за нас е товар или со други зборови ја одолговлекува постапката за експропријација“, нагласи Сабриу.

Тој вели дека процесот на експропријација не зависи само од Општината, бидејќи тие се само процедурални странки во процесот.

„Како општина ја изготвивме целата потребна документација: геодетска студија, издадовме имотни листови, историја на имоти, предлог за експропријација, за целото земјиште што мора да се експроприра за трите приоритети, но поради големиот број на предмети и обем на работа кај Министерството за финансии – Одделението за имотно правни работи, на нивно барање ги доставуваме овие предлози за експропријација во фази/етапи според приоритетите. Експропријацијата мора да се изврши до моментот на потпишување на договорот“, рече Сабриу за Порталб.мк.

МЖСПП: МФ мора да го достави тендерот до Делегацијата на Европската Унија

Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за Порталб.мк истакнаа дека тендерската документација е доставена до Министерството за финансии, во Централното одделение за финансирање и склучување договори.

„Овој оддел мора да го достави на одобрување до Делегацијата на Европската Унија. По нивното одобрување, следува квартален период за доставување на понуди. Откако ќе заврши доставувањето на понуди се врши оценување на истите во период од два до три месеци. По склучувањето на Договорот мора да започнат градежните работи за кои е предвиден период од две години и една година за пријавување на дефекти. Предуслов за склучување на договорот е завршување на процесот на експропријација од страна на општина Тетово“, соопштија од МЖСПП.

Делегацијата на ЕУ во РСМ: Бидејќи Министерството за финансии се уште не го објавило тендерот, за детали обратете се таму

Од Делегацијата на Европската Унија во земјава за Порталб.мк велат дека ЕУ посебно ја истакнува поддршката на секторот за животна средина во Северна Македонија и ќе продолжи да го прави тоа. Средствата за овој проект се доделени во рамките на Повеќегодишната програма ИПА II за еколошка и климатска акција 2014-2020 година. Покрај средствата за изградба, финансиски средства се издвоени и за соодветните служби за надзор на градбата.

„Поделбата е направена од националните власти бидејќи овој проект се спроведува во „индиректно менаџирање од страна на државата-корисничка“, што значи дека Министерството за финансии е надлежен орган за спроведување на проектот – за набавката и извршувањето на работите. Бидејќи Министерството се уште го нема објавено огласот за тендерот за изградба, деталите за обемот и временската рамка на проектот се уште не се јавни. Затоа, за какви било дополнителни информации, ве молиме вашите прашања да ги упатите до органот за менаџирање, т.е. Секторот за централно финансирање и склучување договори при Министерството за финансии“, соопштија Делегацијата на ЕУ во земјава.

Од Министерството за финансии молк

За тоа кога ќе биде објавен тендерот за овој проект контактиравме со Министерството за финансии, но оттаму не одговорија на новинарските прашања. Според планот работите мора да завршат во рок од 24 месеци од моментот на потпишување на договорот.

Последиците скапо ги чинат граѓаните

Свој коментар за одолговлекувањето на овој многу важен еколошки проект со години имаше и еколошката организација „Еко герила“. Од таму за Порталб.мк велат дека дури и Европската Унија западнала во неволја поради неспособноста на институциите во земјава да ги реализираат проектите на терен.

„Денес сме 2023 година, граѓаните се уморни од дебати, убави презентации со многу зборови и без никаква конкретна реализација. Не знаеме како може една земја која сè уште не го решила овој многу важен еколошки проблем да ги започне преговорите за ЕУ. Раководството на институциите составено од непрофесионални и неспособни партиски кадри кои не знаат да пишуваат и реализираат проекти, ги чини скапо и граѓаните и животната средина, особено реките“, нагласуваат од „Еко герила“.

Со реализацијата на овој проект се очекува фекалните води да не се испуштаат во реката Вардар. На овој начин ќе се реализира една од неопходните реформи во еколошкиот сектор кој опфаќа некои од најкомплицираните реформи кои РСМ мора да ги спроведе на патот кон членство во ЕУ.

Проектот е промовиран неколку пати, но без резултат

Изградбата на пречистителната станица за отпадни води во село Фалише ја промовираше и претходната градоначалничка на Општина Тетово – Теута Арифи за време на нејзиниот втор мандат. Во јули 2019 година беше расчистено местото каде што требаше да се гради станицата, а следната година требаше да започнат работите, но тоа не се случи.

Наместо да се потпише договорот со најпогодните понудувачи и да се започне со градба, во 2021 година следуваше ревизија на техничката и тендерската документација и подготовка за објавување на новиот меѓународен тендер.

Потоа, во октомври 2022 година, оваа тема повторно ја актуализираше aктуелниот градоначалник на Општина Тетово – Билал Касами, кој напомена дека ќе се заложат за што поскоро завршување на овој проект.

Во февруари 2023 година, токму за ова беше организирана јавна расправа во општината, на која детално беше претставен овој проект.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.