fbpx

Тивка е борбата за правата на жените кои живеат во вонбрачни заедници

Сегашната состојба на жените во вонбрачни заедници во Северна Македонија покажува дека иако законот ги заштитува нивните права, реалноста изгледа различно

-

Иако унапредувањето на правата на жените и концептот за еднакви можности на жените и мажите во Северна Македонија често се спомнувааат како државен приоритет, сè уште постои тивка борба на жените кои живеат во вонбрачни заедници и се наоѓаат заробени во мрежата на правни и општествени предизвици. На оваа тема, со цел да се фрли светлина врз дискриминаторските практики и родовите пречки со кои се соочуваат овие жени, Мета.мк разговараше со адвокатката Катерина Котеска- Стисниовска, специјалистка за семејно право, семејно насилство и родово базирани дела.

Еднакви по закон, но различни во реалноста

Котеска- Стисниовска вели дека согласно македонското законодавство, вонбрачните заедници треба да се третираат исто како и брачните, доколку траат повеќе од една година. Исто така, правата на децата родени во вонбрачните заедници треба да бидат заштитени со запишување во матичната книга, наследување и други слични аспекти, како и кај децата родени во брак. Сепак, во реалноста, овие жени се соочуваат со многу предизвици.

„Навидум правата на жените и децата во вонбрачните и брачните заедници се исти, но во пракса не се. Многу често, остварувајќи ги правата институционално, жените се спречени да си ги остварат правата целосно. Се случува да се дискриминирани, како „партнерки“, а не како сопруги, а освен стигмата на заедницата во која живееме, често и постојат институционални, па и законски пречки за остварување на правата“, вели адвокатката.

Според нејзините досегашни професионални искуства, прва пречка се јавува, кога вонбрачните партнерки ќе сакаат да живеат во стан на својот партнер, кој се води на негово име.

„При склучен брак, се поднесува извод од матична книга на венчаните, а при вонбрачна заедница е потребно да се даде изјава во МВР, по што се врши проверка на лице место, што претставува незгодна ситуација во која ќе се најдат жените кои одлучиле да живеат во вонбрачна заедница. Проблем се појавува и при наследувањето. Иако овие две заедници се изедначени, сепак брачната партнерка е во можност да го наследи имотот на својот сопруг согласно закон, а вонбрачната партнерка нема такво право автоматски по закон, туку треба прво да се утврдува постоење на вонбрачна заедница, па утврдување на имотот дека е стекнат во таква заедница, за на крај да се утврдува делот, кој би припаднал на жената“, истакна Котеска- Стисниовска.

Потреба за промена на свеста и законодавство за надминување на дискриминацијата и стигмата

Таа вели дека постои голема потреба од промена на законите и подобрување на законската заштита за жените во вонбрачни заедници бидејќи во нашето законодавство не постои никаков, правно-формален документ дека двајца партнери живеат во вонбрачна заедница, кој доколку би постоел, би го олеснил патот до остварувањето на правата.

„Особено лош пример за постоење на дискриминација на брачен и вонбрачен партнер, постои при посета на болница во критични ситуации, како и при преземање на посмртни остатоци, при настапување на смрт, од болница или од капела. Најфлагрантен пример за дискриминација на брачниот со вонбрачниот партнер е при наследување на правото на пензија. Во случаевите каде што врската била вонбрачна такво право нема“, вели адвокатката.

Осврнувајќи се на случаите на семејно насилство во пракса, Котеска- Стисниовска истакна дека кога жената е жртва во поголем број случаи, многу често, иако во законот стои дека под семејно насилство се подразбира и насилство сторено од лице со кое си во блиски, лични односи, сепак, многу често вонбрачните партнерки се одбиваат за пријавување и процесуирање и од полицијата и од социјалните служби и поради тоа што не се во брак, не се во можност да си ги остварат своите права.

„Кога се говори за жената, општо, целосно јасно е и на поединецот, но и на целото општество дека традиционалните критериуми и стигматизација на жената, претставува тешко бреме за жените, кои се почесто ги напуштаат традиционалните рамки и завршуваат високо образование, заземаат високи, лидерски позиции во општеството. Сè уште, за жал, во 21-виот век, во нашата држава, успехот е понормално да припадне на мажите отколку на жената. Успешната жена, најчесто е предмет на напади и пречки за да биде успешна“, вели Котеска- Стисниовска.

Таа истакна дека, сè уште, од жената дури и во денешно време, се очекува да го следи мажот, да не биде лидер во семејството, да биде помалку успешна од колегите мажи, да биде на пониска позиција и да зема помала плата за истата работа. А, и дека жените и не се поставуваат на одредени позиции поради раѓањето, породилните отсуства и грижата за децата, која на прво место се очекува од жената.

„При разводите, кои ми се најблиски како постапка во мојата кариера, обврската за чување на децата секогаш „треба“ да припадне на мајката иако во Законот за семејството и меѓународните конвенции треба да се тргне од најдобриот интерес на децата, додека имотот кој е стекнат во брак и треба да се подели на двата брачни другари подеднакво, после разводот, станува имот на мажот, а жената треба да тужи, да бара и да поминува голготи. Согласно моето мислење, како професионалец, сметам дека со промената на општата свест на општествено ниво иако жената поседува родови карактеристики, кои ја прават сензитивна во определени фази на животот, а поврзани со бременоста, раѓањето и грижата за детето до определена возраст, не треба да се прави разлика во поглед на стекнувањето на интелектуалната надградба, градење на кариера и преземање на обврска за работење на било кое работно место за кои може физички да одговори“, вели Котеска- Стисниовска.

Како адвокат кој работи семејно право, таа апелира и до сите родители кои во иднина ќе одлучуваат за поделба на својот имот помеѓу децата, да ги напуштат традиционални стојалишта дека имотот треба да го наследи машкото дете во семејството.

„Законот ги изедначува сите деца како наследници, а исто така истражувањата покажале дека лишување од имот на жените ги остава неситуирани, без решено станбено прашање и без основни средства за создавање на свој дом во кој би се вратиле ако бракот не е успешен и се жртви на семејно насилство“, заклучи Котеска- Стисниовска.

Родова (не)еднаквост: жени vs мажи според пари, моќ и знаење

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...